Вечерва, во катедралната црква Св. Софија, во рамки на фестивалот “Охридско лето”, во 21 часот ќе настапи македонското Трио В.А.М.


–    Учеството на македонските културни институции, и особено на македонските уметници, секогаш претставува значаен дел од програмата на фестивалот „Охридско лето“. Реномираните музичари од помладата генерација, Марија Ѓошевска на пијано, Владимир Костов на виолина и Александар Котевски на виолончело, токму поради нивното префинето музицирање, заслужија место на овогодишното 51-во издание на Охридско лето. Нивното индивидуално професионално искуство, стекнато во повеќегодишната уметничка дејност, е сублимирано во ова трио – изјави музичкиот селектор Гордана Јосифова Неделковска.


 
 Триото В.А.М. е формирано во 2009-тата година, како резултат на подолгата заедничка соработка на неговите членови- видни македонски музички уметници.

–    Гордост е меѓу вакви имиња од светски калибар, како Березовски, Володин, Најдих и многу други, да се најде и вашето име, како претставник, односно претставници на македонската култура и уметност на фестивалот Охридско лето. Чест, но и обврска повеќе, ќе ни биде да докажеме дека ниту малку не заостануваме од светската елита – велат членовите на Триото В.А.М.


В.А.М. активно настапува на македонската музичка сцена, изведувајќи капитални дела за ваков состав и промовирајќи го камерното музицирање и неговата префинетост.

Триото ќе изведе дела од Бетовен, Шуман, Рахмањинов и Аренски.

OhridNews