Македонците во Албанија не ги признаваат официјалните податоци од пописот 2011 во Албанија и бараат нов попис под меѓународен мониторинг, пренесува „Макфакс“.

Претседателот на Македонската алијанса за европска интеграција, Едомонд Темелко во сабота во Корча ја прочита Декларацијата што ја потпишаа Македонците во Албанија со другите малцинства во Албанија.

„Државната пописна комисија не прифати ниту едно барање на малцинствата и тие да имаат попишувачи и членови во комисиите. Во текот пописот, попишувачите сами ги пополнуваа податоците во формуларите, се пополнуваа со молив со образложение дека ако згрешат, дома ќе ги поправат грешките. Со овој попис се прекршија правата на малцинствата што се гарантирани со Уставот на Република Албанија, меѓународните акти и законите што се на сила. Овој Попис не беше во согласност со европските стандарди, и не ја отсликува реалната етничката структура на населението во Албанија“ се вели во Декларацијата.

Ова Декларација освен Македонската партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, ја поддржаа и Македонската Заедница во Албанија со седиште во Тирана, Македонското здружение “Гора” од Гора, Македонското здружение “Мост” од Голо Брдо како и македонското здружение “Друштво Преспа” од Мала Преспа.

OhridNews
извор:„Макфакс“