Туристичко-угостителската комора на Македонија (ТУК) излезе со анализа пред почетокот на летната сезона, во која вели дека дел од аранжманите се продадени. Тоа е резултат на создадената навика кај граѓаните за неколкумесечна предвремена резервација на летните одмори и поради вклучениот попуст што го даваат агенциите, пишува „Макфакс“.

„На прагот на летната сезона дел од македонските туристи веќе имаат одлучено и резервирано аранжмани за ова лето. Тоа го направиле уште на крајот на минатата година, поради актуелните попусти кои се нудат со раната резервација. Сепак, како резултат на случувањата и неизвесноста поголем дел од граѓаните сè уште не се одлучиле каде ќе летуваат годинава и термините за одмор ги добиваат подоцна во текот на сезоната. Тогаш, застапена е побарувачката ‘Last minute’, која е поволна, но изборот е сведен на минимум и дефинитивно кога станува збор за заштеда на семејниот буџет, многу попристапни се раните резервации. Туристичката понуда за оваа летна сезона е различна, од вообичаените аранжмани за Грција, Турција, па сè до понуди за Азурниот Брег, Шпанија, Малдиви, Сејшели, Маурициус, Бали, Куба и други поегзотични и нетрадиционални дестинации. Најбарани се аранжманите за Грција и Турција со анталискиот регион. Добрата организираност, високиот квалитет на услугата во хотелите, морето и поволната клима се секогаш причини поради кои Турција се бара и посетува. Годинава цените за Турција се многу поволни и  се движат од 299 евра по лице вклучувајќи и авионски превоз, хотел со пет ѕвезди“, вели Аркан Керим, претседател на Туристичко-угостителската комора при ССК.

Од ТУК очекуваат поради близината и актрактивноста Грција и годинава да биде најпосетена дестинација за македонските туристи.

Во последните неколку години туристите кои сакаат да излезат од класичниот одмор пројавуваат интерес и за далечните дестинации, како Дубаи и другите Емирати, Рас Ал Кајам, Ајман и, секако, за Куба, Малдиви, Занзибар и други егзотични дестинации, како и за крстарења.

Според ТУК, годинешната летна туристичка сезона, согласно првичните проценки кои се направени, има мали осцилации поради влијанието на политичката криза. Но, се очекува стабилизација на пазарот.

OhridNews
извор: „Макфакс“