Францускиот претседател, Емануел Макрон изјави дека САД, Франција и нивите сојузници се обврзани да останат во Сирија, за да градат нова Сирија, по поразот на „Исламска држава“. „Дури и по завршувањето на војната против ИСИС, САД, Франција и нашите сојузници, сите земји од регионот, па дури и Русија и Турција ќе играат важна улога во создавањето на нова Сирија. Сепак, иднината на земјата ќе ја одреди сирискиот народ“, изјави Макрон за „Фокс њуз“.

Според него, доколку Франција и нејзините истомисленици одлучат да ја напуштат Сирија, Иран ќе добие можност да го засили своето влијание.

„Доколку целосно се повлечеме, дури и во политичка смисла, ќе им препуштиме на Иран и режимот на Башар ал-Асад да подготват нова војна и да поддржат нови терористи“, рече Макрон.

Спротивно на тоа, висок американски претставник, цитиран од руската новинска агенција ТАСС изјавил дека САД нема да обезбедат помош за обновување на регионите во Сирија кои се контролирани од Башар ал Асад.

Тој бил дециден дека по проценка за понатамошните активности заклучиле оти не треба да финансираат области контролирани од Асад, пишува новинската агенција ТАСС.