Екипата на Макс Струмица го освои целиот плен во „Билјанини Извори“ победувајќи го составот на Охрид со 30-28 (20-14) во третата рунда од плејофот во Супер лигата.
Со триумфот во Охрид ракометарите на Макс Струмица го продолжија победничкиот низ на три победи додека охриѓани се уште чекаат на првиот бод во мечевите за титулата.
Ракометарите на Охрид одиграа полувреме за заборав во мечот со Макс Струмица. Нападот ја загуби убоитоста, а одбраната потполно потфрли.
Струмичани, искусно со бавна и пред се ефикасна игра ја полнеа мрежата на Охрид за високи плус шест на полувремето (20-14).
Охриѓани во вториот дел го покажаа своето лице и од минута во минута ја намалуваа предноста. Во 45-та минута домаќините стигнаа до минус три (22-25) и на таа резултатска разлика се играше до 52-та минута.
Со серија од 2-0, во последните четири минути Охрид влезе со минус еден, а тогаш не реализираше два напади за егал.
И покрај ова, домаќините имаа уште една шанса за поволен резултат, но во последниот напад се сплеткаа, а Чизмовиќ со гол во празната мрежа стави печат на големиот триумф на Макс Струмица во Охрид.
Р.К. Охрид: Колев (4 одбрани), Трајкоски (3 одбрани), Андоновски, Новаковиќ, Тасески, Павловиќ 5, Печенковски 2, Кежиќ 6, Вражалица 7, Стојановиќ 5, Хогас 3, Трифуноски, Белевски.
Р.К. Макс Струмица: Костески (11 одбрани), Атанасов, Наков, Милосављевиќ 6, Соколов 1, Ѓоргиев, Димитров, Чизмовиќ 5, Мастев, Везенкоски 8, Мајиќ 11.
Фото: Емилио
Мх.П.