Малезија на 30 месецов ќе го објави долгоочекуваниот извештај за исчезнатиот патнички авион на „Малезија ерлајнс“ на летот MH370, објави денеска министерот за транспорт. Во мај годинава Малезија ја откажа потрагата по исчезнатиот авион и оваа катастрофа стана една од најголемите мистерии во историјата на воздухопловството.

Авионот со 239 патници и членови на екипажот исчезна на пат од Пекинг до Куала Лумпур на 8 март 2014 година.

Истражниот тим првпат ќе го претстави извештајот пред семејствата на исчезнатите лица во Министерството за транспорт на 30 јули, рече министерот Ентони Локе.

„Секој збор регистриран од истражниот тим ќе биде соопштен во тој извештај“, изјави министерот за новинарите, додавајќи дека по тоа ќе следи конференција за печат.

„Ние сме посветени да го направиме извештајот целосно транспарентен“, посочи Локе.

Извештајот ќе биде објавен на интернет, а ќе биде поделен и на семејствата на исчезнатите и на акредитирани новинари. „Целата меѓународна заедница ќе има пристап до извештајот“, заклучи малезискиот министер за транспорт.

Единствените потврдени траги од исчезнатиот „боинг 777“ се три фрагменти од крилата кои на брегот ги исфрли Индискиот Океан.

Малезискиот премиер Махатир Мохамад изјави дека Малезија ќе размисли за обновувањето на потрагата доколку во меѓувреме се појават нови индиции.

OhridNews

Макфакс