Просторот пред ѕидините на Долна порта, до самиот езерски кеј, каде што порано се наоѓаше Градската библиотека, се’ уште стои неуреден и го нагрдува најфреквентниот дел на Охрид. На запуштеноста на Малиот плоштад, освен жителите на овој дел од градот, често пати реагираат и туристите како и сопствениците на неколку угостителски објекти, кои се наоѓаат во неговата близина. Тие бараат од надлежните што поскоро да го уредат овој простор
– Ова е четврта летна сезона во која просторот пред ѕидините ќе биде вака запуштен и неугледен. Кога ја срушија библиотеката најавуваа дека тука ќе направат мал рај, но еве се виде дека се што се ветувало било залудно. Наместо ова да биде локација што ќе ја надополнува убавината на стариот град, надлежните го направија место со кое се срамиме пред туристите, коментираат граѓаните на Охрид.
Од охридската локална самоуправа велат дека изградбата на Малиот плоштад доцни поради тоа што се’ уште не е изработен проект за уредување на овој простор.
-Тој простор е под надлежност на Заводот и Музеј од Охрид, што значи дека оттаму треба да изготват проект за уредување на овој простор. Идејата е тука да не се гради друг објект, туку да се направи парк со хортикултурни содржини, во кој ќе биде поставен споменикот на охридскиот револуционер Христо Узунов. Меѓутоа, за да се релизира било каква идеја првично треба да се направи проект, велат од Општина Охрид.
Директорката на Заводот и музеј од Охрид, Тања Паскали Бунташеска вели дека изработката на проектот треба да започне наскоро и дека истиот бил одолговлекуван поради реставрацијата на ѕидините на Долна порта.
-Проектот за реставрација на ѕидините беше приоритет во уредувањето на овој простор. Сега кога истата е завршена ќе се пристапи кон изготвување на проектот за Малиот плоштад. При изготвувањето на проектот ќе се консултираме со претставниците на локалната самоуправа во врска со нивните предлози за уредување на тој простор, не информираше Паскали Бунташеска.
Таа објаснува дека надлежноста околу изготвување на проектот е нивна, но инвестицијата за реализирање на истиот треба да биде во недлежност на локалната самоуправа.
На местото на Малиот плоштад претходно се наоѓаше објектот на Градската библиотека. Поради тоа што овој објект не се вклопуваше во амбиентот на охридската архитектура и го попречуваше погледот на стариот дел на градот, по иницијатива на Општина Охрид беше урнат во 2008 година.