Вчера, од страна на патролата на полициската станица за граничен надзор „Охридско езеро“, бил затекнат малолетник од Охрид како врши незаконит риболов.

Малолетникот роден 1999 година бил забележан на околу 20 метра од брегот,  наспроти угостителски објект на кејот „Македонија“ во момент кога со недозволено средство за подводен риболов-подводна пушка ловел риби. По консултација со јавен обвинител, малолетникот е повикан во полициска станица каде во присуство на адвокат за малолетници извршен е разговор.  На малолетникот одземена му се подводната пушка марка, горен елек за нуркање марка, горно одело за нуркање, долен дел од нуркачко одело, маска за нуркање како и други предмети за нуркање, информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

Неодамна, во акциска патролна контрола во ноќните часови, полициските службеници кај малата плажа- вила „ Билјана“ пронајдоа и одзедоа една рибарска мрежа со должина од околу 50 метри со улов од осумнаесет парчиња риба- десет парчиња охридски крап со вкупна тежина од 9,5 килограми и осум парчиња клен со вкупна тежина од осум килограми.

Во слична акција, полициската станица за граничен надзор „Охридско езеро“ пронајде и одзеде 20 рибарски мрежи со вкупна должина над 1000 метри, околу 30 килограми парчиња разновидна риба и повеќе примероци на риболовен алат и прибор. Согласно законот за рибарство и аквакултура, против неколку лица поднесени се прекршочни пријави.

OhridNews