Младите лица под 18 години слободно се шетаат низ Охрид во шпицот на туристичката сезона. Нив ги има и во угостителските објекти и надвор од нив. Непречено конзумираат алкохол и цигари, а во парковите и на плажите можат да се забележат и отпушоци од џоинти. Ваква слика синоќа затекнаа мешаните патроли составени од полициски службеници и родители, кои во рамки на проектот „Мешани патроли“ што го спроведува МВР, извршија обиколка на повеќе угостителски објекти во градот и јавни места, со цел одблиску да се запознаат со однесувањето на малолетниците во ноќниот живот.


-Изненаден сум од сликата што ја видовме. Огромен е бројот на млади помали од 18 години кои се шетаат после 24 часот. Еден дел од нив конзумираат алкохол, што секако не е за пофалба, а ако млад човек под 18 години слободно пие алкохол треба сите ние заедно и институциите да се запрашаме каде е грешката и каде треба да се делува, изјави Рајко Домазетоски, родител и член на Совет на родители во Гимназија, кој беше дел од синоќешната мешана патрола во Охрид.


Акцијата чија примарна цел е превентивно да се делува и да се спречат одредени девијантни појави кај младите, генерално позитивно ја прифатија сопствениците на угоститечлските објекти, информираше портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски, според кого овој проект ќе придонесе за сузбивање на одредени несакани појави кај младата полулација.

– Ова е одлична идеја, бидејќи полицијата и родителите заедно можат да видат каде излегуваат нивните деца, кои се најпосетуваните места, како се забавуваат младите и каков е амбиентот каде што се забавуваат. Родителите успеаа да ја доживеат таа атмосфера и да видат со што се соочуваат нивните деца во летниот период, изјави Димоски.


По завршување на обиколката мешаните патроли ги сублимираа впечатоците, при што беше заклучено дека овој проект треба да продолжи и натаму, а родителите и полицијата почесто да ги обиколуваат угостителските објекти и јавните места на кои се собираат младите со цел превентивно да се делува во спречување на девијантните појави кај малолетната популација.


Причина повеќе проектот да продолжи, според полицијата, е податокот што по интензивните активности за превентивно делување, бројот на прекршоци на одредбата за престој на малолетни лица во угостителски објекти во првите шест месеци од оваа година, во споредба со минатата, е намален за 7 пати.

OhridNews