Европа е загрижна поради порастот на барања за азил од земјите на Западен Балкан кои се опфатени со визна либерализација, предупреди комесарот за внатрешни работи Сесилија Малстром, на Форумот на министри за правда и внатрешни работи што деновиве се одржа во Охрид.

– Визната либерализација е еден од најголемите успеси во односите меѓу земјите од Западен Балкан и ЕУ, што овозможи луѓето  слободно да патуваат, да се запознаваат и да ја зајакнат економската и другата соработка. За жал може да видиме и злоупотреба на  визната либерализација и драматичен пораст на барањата за азил од земјите на Западен Балкан. Во среда во Брисел ќе одржиме состанок со претставниците на Владите од сите земји во регионот, на кој ќе ги разгледаме статистичките податоци и ќе дадеме препораки како да се реши ова прашање, бидејќи во Европакиот парламент се дискутира за можноста да биде активирана клаузулата за суспензија на визната либерализација, истакна Малстром.

Еврокомесарот за внатрешни работи вчера имаше средба со премиерот Никола Груевски на која била информирана за мерките што Македонија ги презема со цел да се спречи појавата на злоупотреба на визната либерализација и неоснованото барање азил во земјите од Европската Унија.

OhridNews