„Како премиер ќе го заокружам проектот „Скопје 2014“ со два музеи, еден наспроти друг, на двата брега на Вардар едниот за Бранко Црвенковски другиот за Никола Груевски – порача новоизбраниот лидер на Либералнодемократската партија (ЛДП) Јован Манасиевски кој на денешниот редовен партиски Конгрес доби уште еден четиригодишен мандат.

„Во тие два музеја ќе можат без никакво ограничување да го величаат својот лик и дело, да ги билдаат своите суети до невидени височини – додаде Манасиевски во својот говор пред членовите на ЛДП во полната сала на МОБ.

Раководството на партијата порача дека ЛДП е алтернатива на СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, а гласот за ЛДП не е изгубен глас, туку на следните избори гласот за ЛДП  е единствен избор во овој момент.

„Наша цел не е да го зголемиме процентот во собрание, наша единствена цел не е да учествуваме во следната власт, туку наша најголема задача е да ја вратиме изгубената надеж на секој граѓанин“ – истакна Анреј Жерновски член на ЛДП.

Тој на почетокот на својот говор направи паралела на двете поголеми партии со старата поговорка „Ни змија ни магаре“ и порачаа дека неговата партија одлучно излегува на престојните парламентарни избори.

Партијата на конгресот ја усвои платформата „Има излез“ за самостоен настап на претстојните парламентарни избори со акцент врз економијата и начините за создавање услови за финансиски напредок, за привлекување нови инвестиции, отворање нови работни места.

На Конгресот беше усвоена и економската програма за создавање подобри услови за работа на микро, малите и средните претпријатија, а беше претставен и проектот секој граѓанин акционер што подразбира распределба на преостанатиот државен капитал на секој полнолетен граѓанин

„ЛДП е подготвена процесот да го започне веднаш преку распределба на целиот државен капитал во Македонскиот телеком. Спред пресметките на ЛДП врз основа на просечно остварената дивиденда во последниве три години која ја прибира владиниот буџет, секој полнолетен граѓанин на име на дивиденда од акциите кои што ќе ги добие, ќе остварува просечно над 30 евра приход секоја година“ – стои во изборната платформа „Има излез“.

Во платформата стои дека ЛДП е целосно подготвена да воведе нулта стапка на данок на добивка, укинување на годишниот данок на вкупен приход за микропретпријатијата, нулта толеранција за неплаќање на обврските на владата, брз развој на туризмот. Партијата предвидува над 60 инфраструктурни проекти и значајно зголемување на надлежностите на општините со дислокација на повеќе државни и јавни институции во регионалните центри низ цела држава.

Според платформата партијата ќе се залага за значително намалување на бројот на пратеници во македонското собрание на вкупно 90 од досегашните 123 пратеници. Драстично намалување на бројот на министри во владата на вкупно 12 од сега постоечките 22, со укинување на функциите заменик министер и министер без ресор, како и намалување на бројот на државните институции.

Лидерот на партијата се осврна на досегашното работење на партијата и коалицирањето со СДСМ и ВМРО ДПМНЕ. Според Манасиевски од редовите на ЛДП се излезени  најдобриот градоначалник во историјата на Македонија, најдобриот гувернер на централната банка и најдобриот амбасадор. Манасиевски во својот говор потсети дека ЛДП ја укина обврска за служење на воениот рок и ја професионализира армијата

„Јас Македонија ја гледам како земја која целосно ја прифатила и се соживеала со својата улога на земја – раскрсница. На некој тоа можеби му звучи радикално. Во филозофија на крстосница и на динамичност е клучниот услов за развојот на новата Македонска држава. Тоа ќе биде најефикасен одговор на притисоците од глобализација. Од економски аспект тоа значи максимално толкување на геостратегиската позиција во регионот. И капацитет за апсорпција на комуникациските и енергетските коридори. Од политички и социо културен аспект тоа значи модел што е европски конкурент“ – додаде Мансиевски кој рече дека ќе се залага за секуларна држава, максимално толерантно општество и за земја без дискриминација по било каква основа.

ЛДП денеска го одржа четвртиот редовниот партиски Конгрес на кој беа избрани сите партиски органи, Надзорен и Централен одбор, а нов мандат доби и генералниот секретар Дуфе Кукоски, кој, исто како и Манасиевски, немаше противкандидат.

Четворицата пратеници на ЛДП, во моментот се единствените опозициони пратеници, што учествуваат на собраниските седници.

OhridNews
извор: „Макфакс“