Однесувањето на Црвенкоски и Груевски дури и не заслужува коментар, изјави претседателот на Либерално- демократската партија на Македонија, Јован Манасиевски на вечерашната трибина во Охрид.


Пред неколку дена Црвенкоски и Груевски правеа непотребен фестивал, наводно преговараа за работи кои никој не ги разбра. Од ноември државата се наоѓа во континуирана криза. Едниот бара избори, другиот не дава, па потоа едниот одлучува избори ќе има, па другиот бега и додека тие така се чаламат, нашата економија страда затоа што ниту една домашна или странска инвестиција нема да пристигне во ситуација кога владее ваква политичка  криза и кога се покажува една политичка незрелост на клучните политички лидери. Мој апел е да престанат да се глупираат бидејќи македонската  економија тоне. Ако се одговорни ајде што побрзо да одиме на избори, да видиме кој колку гласови ќе добие и животот да продолжи. Не може животот да стои додека Црвенкоски и Груевски се надмудруваат, рече Манасиевски.


Во врска со платформата на ЛДП, насловена како “Има излез”, тој истакна дека акцентот е ставен на економските мерки за излез од крајно лошата економска ситуација во која се наоѓа земјава.

Сакаме да создадеме услови за побрз развој на малите и средни претпријатија кои се целосно запоставени. Да создадеме државен апарат според економските можности, бидејќи Македонија е држава со најголем број на функционери во Европа, со 22 министри. Ние имаме развиено оперативен план за влада со 12 министри. Да ја развиеме патната и железничката инфраструктура, како и да го намалиме ДДВ- то за целиот туристички сектор од 18 на 5%, рече Манасиевски.

На трибината пред присутните симпатизери на ЛДП се обратија и Ристо Пенов и Андреј Жерновски.

Т. К.