Легендата на македонскиот ракомет, Пепи Манасков заедно со Александар Јовиќ и Илија Темелкоски и селекторот Лино Червар ќе го сочинуваат стручниот штаб на македонската ракометна репрезентација на Мундијалот во Франција.


Улогата прв помошник ќе му припадне на Темелковски кој е селектор на младинската репрезентација, а Јовиќ и Манасков исто така ќе му бидат поддршка на хрватскиот стручњак.

– Сакам предизвици, можеби од нас не се очекува многу, но секоја прогноза не се остварува. Подготовките во Маврово ќе бидат малку поинакви отколку она што се работи во клубовите. Не сакам да создавам конфузија, но сакам да имам повеќе луѓе покрај себе и зголемен стручен штаб. Јас нема да бидам само селектор, туку човек што ќе смисли се. Сакам да ја имам одговорноста. Спортот е многу сложен. Тимот за мене е најголем играч. Еден не може да направи колку што можат шеснаесет. Прв помошник ќе биде Илија Темелковски, а уште двајца ќе ми бидат Манасков и Јовиќ. Два кондициски тренери, а тука ќе бидат и двајцата тренери на голманите, Ице Соколески и Перо Мисовски. Имаме човек кој ќе ни биде помошник Иван Ивановиќ со видео анализите. Директорот е тука Милчо Чакарески, плус физиотерапевтите, и доктори кои ќе бидат вклучени. Вака делува дека сме многу, но сите ќе бидат вклучени. Позитивно размислувам, работиме, не спиеме и ја анализираме ситуацијата како би можеле за кратко време да направиме нешто. Само три слободни денови ќе добијат репрезентативците, бидејќи сакам со мене да бидат оние што се борат и се жртвуваат за добро на националниот тим. Потребно ни е сплотност, да бидеме скромни но и да се бориме за Македонија. – изјави Червар, пренесува „24ракомет“.

Македонија подготовките ќе ги започне на 20 декември, а „црвено жолтите“ првиот меч на Светското првенство во Франција го играат со Тунис на 16 јануари.

OhridNews