Светлиот петок светло беше прославен во манастирот Св. Богородица Пречиста во Кичево каде неодамна беа завршени заштитно конзерваторски работи, финансирани со средства од црквата со благослов на блаженоупокоениот митрополит Дебарско – кичевски Тимотеј. По повод празникот се одржа богослужба со која чиноначалствуваше Игуменот на Бигорскиот манастир Пертениј, по која уследи традиционалната литија до местото викано Господинец, близу манастирот, на која присуствуваше броен народ.

Традиционално се изврши и пасхален водосвет, по што беа попрскани, за благослов и плодност, градините, посадите, овошките и животните, за кои со љубов се грижи манастирот. Одењето во литијата има и длабоко симболично значење – таа го претставува духовното патување на човекот кон Изворот на Животот, кон Бога. Движењето, пак, заедно сведочи дека спасението не е осамен, индивидуален и атомистички пат, туку заедничко одење во љубов, вера и надеж, а крајната цел – благодатна заедница со Бога и со ближните, посочуваат од Бигорскиот манастир.

Храмот во манастирот Пречиста Кичевска е од исклучително значење. Иконите и живописот од XIX век, се дело на големиот Дичо Зограф, кој го насликал олтарот на овој прекрасен преродбенски манастир. Тој одиграл огромна духовна, но и национална улога во будењето на македонскиот народ во XIX и почетокот на XX век – време особено значајно за нашата историја.
Дичо Зограф творел насекаде низ Балканот. Бил прочуен и извонреден мајстор, така што токму тој го украсил овој прекрасен и голем олтар, за кој слободно можеме да кажеме дека е еден од најзначајните од тоа време, зашто ова е една од најголемите манастирски цркви во денешна Македонија. Живописот на Дичо Зограф не е класична фреска изработена врз свеж малтер, што е особено трајно. Тој, како и повеќето зографи од неговото време, сликал врз веќе подготвен малтер, техника позната како al secco, која е многу почувствителна и потешка за зачувување и одржување, посочи Игуменот Партениј.
Живописот во олтарот беше во особено тешка состојба. Имаше сериозно распаѓање, бидејќи во олтарот имаше голема влага. Со преземените активности, проблемот е надминат.
Затоа, со блаженоупокоениот дедо Тимотеј се договоривме, и тој ни даде благослов, најнапред да се отстрани влагата од подот и да се обнови подната конструкција. Потоа започнавме потрага по сериозна и стручна фирма којашто ќе може да ја изврши таа сложена работа за реставрација и заштита на ѕидниот живопис. И, слава Му на Бога, таква фирма се најде. Со Божја помош, живописот за следните сто години ќе биде сочуван. Гледате како денес изгледа прекрасно – како токму сега Дичо Зограф повторно да ги насликал овие свети ликови, истакна отец Партениј.
На настанот присуствуваше и проф. д-р Сашо Цветковски од МАНУ, истакнат стручњак за сликарството од XIX век, а особено за делото на Дичо Зограф. Тој има напишано томови книги за неговото творештво, и се надеваме дека, со помош на благоверни луѓе кои ќе посакаат да помогнат, ќе напише и книга токму за оваа реставрација, рече Игуменот Партениј.
Тој е човекот што најмногу ми помогна со својата стручност, покажувајќи и докажувајќи дека реставрацијата е навистина стручно изведена. Целата документација беше уредно подготвена, преведена од англиски и грчки на македонски јазик, и испратена во МАНУ. Потоа беше претставена и во Министерството за култура. И треба да се истакне дека, колку што знам, за првпат едно вакво големо меѓународно реставраторско дело беше платено со црковни средства – односно со манастирски средства, кои дедо Тимотеј ги собирал за манастирот, посочи Игуменот Партениј.

Тие го чуваат источното црковно-народно пеење, кое е дел од нашето духовно и културно наследство, а од него е вдахновена и голем дел од нашата народна музика, рече Игуменот Партениј.
Тој побара поддршка од институциите за манастирот изразувајќи надеж дека тој ќе добие соодветна грижа и ќе остане зачуван за идните генерации како потсетник на вредностите на нашата вера и култура.
Фото галерија:
Mанастирот Св. Богородица Пречиста празнично светна во нов сјај
Г.М.
Фото: Томе Љушев – Шпанец
























































