Има имоти што се уште ги побаруваме и за кои не е завршена постапката, но во голем дел имотите што своевремено ни биле одземени ни се вратени, изјавил вчера за „Дневник“ дебарско-кичевскиот владика Тимотеј за процесот на денационализација.

Тој рекол дека слична е состојбата и во другите епархии на МПЦ во кои за враќање останале помал број на имоти.

-Кај нас се уште не е завршена постапката за нашето барање да ни се вратат во сопственост околу 200 хектари со шуми околу манастирот „Свети Наум Охридски“. Тоа се површини во непосредна близина на светилиштето и е значаен имот. Тој сме го добиле со одлуката на надлежната општинска комисија, но нејзиното решение е обжалено од Јавното правобранителство, па така се уште не знаеме како на крајот ќе заврши спорот. Побаруваме и четири хектари кај Свети Стефан, изјавил Тимотеј.

Тој додал дека се уште водат спор за обесштетувањето што треба да го добијат за тоа што државата своевремено им ги урнала манастирскиот конак и камбанаријата.

OhridNews

Извор:„Дневник“