Неопходно е да се изготви нова стратегија за развој која ќе ги опфати сите сфери од живеењето и јасно ќе ги дефинира целите на државата, смета Македонската академија на науките и уметностите – МАНУ. На научната трибина посветена на перспективите на развојот на Македонија во посткризниот период, што се одржа денеска во куќата на Уранија во Охрид, академиците изразија загриженост за состојбите во општеството, кое се’ уште се сооува со последици од транзицијата, како што е одливот на младите.
-Два аспекти се тука битни. Губите хуман потенцијал кој може да ја креира и да ја понесе иднината и развојот и ја слабеете интелектуалната елита, бидејќи самиот концепт на посттранзиција или посткризен период е елитистички концепт кој бара знаења кои понатаму треба да се демократизираат и рашират и да бидат прифатени пошироко, елита која може да парира на веќе создадената елита во транзициониот период, како што се олигарсите и политичките партии. -рече Владо Камбовски. – претседател на МАНУ.
Според МАНУ кризата во Македонија најчесто се поисоветува со криза во политиката, што научно е неприфатливо. Академијата смета дека причините кои доведуваат до криза во нашето општество не се научно истражени и дефинирани. МАНУ упати критика до надлежните институции за односот кон науката забележувајќи и на државата дека недоволно одвојува средствата за оваа исклучително важна област која треба да го креира и планира идниот развој на земјата.
-Не може една држава да нема посебен сектор за наука. Ние имаме Министерство за образование и наука, но сепак науката е некаде на последното место бидејќи добива се на се 0,2 проценти, а тоа е толку мала сума што денеска нашите институции од областа на хуманитарните науки не можат да ги печатат ни своите периодични публикации, а да не зборуваме за одделни книги, научни публикации, а уште помалку за презентирање на нашата наука во светот на јазици што ги разбира светот. Нашата наука стигнува до Куманово. – рече академик Блаже Ристовски.
Според академик Таки Фити, неопходни се радикални реформи во економијата, која како што рече, е под силно влијание на државата, што е спротивно на пазарните закони. Тој предупреди и на висината на бруто надворешниот долг на земјата кој достигна 5,7 милијарди евра, што е за 20 проценти над светскиот просек.
– Бруто долгот не е само долгот на државата, тоа е долг и на приватниот сектор. Тоа е македонски долг кој треба да се враќа во девизи. Според светски критериуми умерена задолженост е ако имате бруто долг помеѓу 30-50 проценти учество во БДП, ние по тој показател дојдовме до 70%.-истакна академик Фити.
Загрижувачка е состојбата и со јавниот долг рече академик Абдулменаф Беџети, дотолку повеќе што тој не е прецизно утврден.
–Според официјалните податоци јавниот долг денес е 46 проценти од БДП, но не знаеме колкав е невидливиот, таканаречен латентен долг, за кој ММФ сега алармира. Лично сметам дека јавниот долг не е во критична фаза, но укажуваме уште од 2009 година наваму дека непродуктивната потрошувачка перманентно ќе доведе до неспособност на јавниот сектор навреме да ги измирува долговите. Ние веќе сме во таква ситуација, се задолжуваме со 100 милиони евра, за да вратиме 90 милиони, и така се додека банките имаат слободни пари.-рече академик Беџети.
Академик Ѓеорги Старделов истакна дека во Македонија постои криза на институциите кои немаат автономија и слобода да ги решаваат клучните проблеми во општеството, а сериозен проблем претставува и големата поделеност во државата.
– Ако ние не успееме да пронајдеме клучни стојалишта околу кои македонскиот народ ќе се обедини, нашата работа и понатаму ќе биде отворена за кризата, а таа криза може да доведе дури до некои сериозни последици по постоењето на самата македонска држава.-истакна академик Старделов.
МАНУ најави дека состојбите на македонското општество, ќе бидат тема на научна дебата во академијата и во иднина, со цел да и се помогне на државата во планирањето на развојот на земјата која е исправена пред сериозни предизвици поради неможноста да ги оствари своите стратешки цели, што се должи на негаторскиот однос од надворешни фактори и влијанија кои ја попречуваат Македонија на патот кон ЕУ и НАТО.
Горан Момироски
фото: Емил Јовановиќ