Постапката на Комисијата за верификација на факти против академик Славко Јаневски е удар однатре врз македонскиот национален идентитет, уставниот и правниот поредок на Република Македонија, оценува Македонската академија на науките и уметностите и бара поништување на донесената одлука, пренесува „Макфакс“.

„Одлуката на Комисијата претставува за правото непознат чин на водење правна постапка против починато лице од државен орган, и е основа за сомневање дека нејзин мотив може да претставува ставот на негација на македонската самобитност и на начелата на демократската правна држава. Македонската академија на науките и уметностите смета дека објавувањето на одлуката на Комисијата за лустрација на акад. Јаневски, е спротивно на Законот за определување на услов за ограничување за вршење на јавна функција, пристап на документи и објавување на соработка со органите на државната безбедност, (чл.33), кој изречно забранува објавување податоци за починати лица“, пишува во реакцијата на МАНУ.

Академијата посочува дека Славко Јаневски е еден од основоположниците на современата македонска книжевност и култура и на Македонската академија на науките и уметностите, чиј опус е во целост посветен на историскиот опстанок на Македонија и македонскиот народ и одамна ги има надминато границите на нашиот културен простор, афирмирајќи ја македонската литература, култура и јазик во светот.

МАНУ смета и дека Собранието на Република Македонија треба да ја преиспита законската регулатива на лустрацијата, заради нејзино усогласување со Уставот на Република Македонија, Европската конвенција за човековите права и стандардите развиени од Европскиот суд за човекови права, согласно препораките и критичките забелешки на Советот на Европа, ЕУ, Венецијанската комисија и други компетентни меѓународни тела.

Лустрациска не се премисли – остануваа на ставот дека Славко Јаневски е кодош

Комисијата за верификација на фактите и покрај реакциите во јавноста не ја повлече својата одлука, останува на заклучокот дека македонскиот писател, автор на првиот македонски роман, „Село зад седумте јасени“ и член на Македонската академија на науките и уметностите, Славко Јаневски бил соработник на тајните служби.

„Со целиот респект кон личностите и институциите по повод одлуката на Комисијата од 28.06. 2013 година, нивните ставови се без познавање на фактите и ги отфрламе како неаргументирани“ велат од Комисијата.

Против оваа одлука на Комисијата бил единствено, членот на Комисијата Чедомир Дамјановски.

Портпаролот на Комисијата, Предраг Димитровски вели дека пристап до документите на лустрираните имаат самите тие, нивните роднини по права линија до второ колено или некое друго лице кое тие го овластиле.

Од Комисијата велат дека, нив како институција не ги интересира професијата, големината, профилот и значењето на лицата што се лустрирани, и не ги прифаќаат обвинувањата дека тие го сквернават македонскиот идентитет.

На одлуката на Комисијата реагираше Друштвото на писателите на Македонија и голем број академици, како и семејството на Јаневски.

ДПМ соопшти дека со огорченост ја отфрлаат апсурдната одлука на Комисијата за верификација на фактите со која писателот Славко Јаневски е прогласен за соработник на тајните служби.

„Друштвото на писателите на Македонија бара одговорност поради овој антиуставен чин на Комисијата за верификација на фактите, која посегна по една од најсветлите личности на современата македонска литература и култура, надвор од нормите што ги подразбира Законот за лустрација. Во спротивно, ДПМ овој чин ќе го толкува како тенденција за бескрупулозно газење и рушење на темелните вредности на македонската национална култура – се наведува во реакцијата на ДПМ.

Документите според кои Јаневски е прогласен за кодош нема да бидат јавно објавени на интернет страницата на Комисијата, бидејќи се работи за починато лице.

OhridNews
извор:„Макфакс“