Триесет пливачи ќе ги брануваат водите на Охридското Езеро на 26 издание Охридски пливачки маратон кое во недела 19 август ќе се одржи на патеката „Климе Савин“ од Св. Наум до Охрид. Најквалитетната спортска манифестација уште еднаш го потврди својот епитет. Последната, oсма трка од годинешната Гран При серија ќе го даде победникот во генералниот пласман.


Се е подгтовтено за стартот на маратонот кој е празник за охриѓани, а ние за него и така се подготвувавме – вели Сашо Точко од Организациониот Одбор на маратонот.

До оваа трка водечки во генералниот пласман е австралиецот Трент Гримси со 78 бода, втор е аргентинецот Дамиан Блаум со 56, додека трет е Италијанецот Андреа Волпини со 40 бода. Најдобар македонски маратонец е Евгениј Поп Ацев на петтата позиција со 34 бода.

Иако вон конкуренција за победа во генералниот пласман, најголем фаворит за победа на Охридскиот пливачки маратон е Бугаринот Петар Стојчев, кој досега десет пати победуваше на патеката “Климе Савин“ во должина од 30 километри.

Листата кај дамите ја предводи водечката во генералниот пласман и трикратна побеничка во Охрид шпанката Естер Њуњез Гомез Морера, додека зад неа е аргентинката Гељо Пиљар.


Вие треба да биде среќни што го имате Охридското Езеро и Охридскиот пливачки маратон. Ваквите убавини се реткост. Јас како тренер со пливачи сум доаѓал во Охрид, а еве сега и како делегат на ФИНА – рече Жан Пол Нарс, делегатот на 26-то издание.

Интересот за Охридскиот пливачки маратон по ланското 25 јубилејно издание повторно се враќа, а рекордната бројка од 30 пливачки е само потврда за тоа. Пливачите се пристигнати во Охрид, и според нивните зборови едвај чекаат да запливаат во “кристалните“ води на Охридското Езеро.


Трката нема некои големи промени, имаме десет бови, и три чек поинт места каде се мери времето на минување. Петнаесетина судии кои ќе се грижат за регуларноста ќе бидат распоредени во четири чамци. На целта ќе имаме и видео запис, се според регулативите на ФИНА– истакна главниот судија на трката, Гоце Тасески.

Стартот на трката е во 12 часот, во комплексот Св Наум додека целта ќе биде на градското пристаниште. Првите пливачи на целта се очекува да пристигнат после 17 часот. Според последните мерења температутрата на воздухот на  денот на одржувањето на маратонот ќе биде од 26 до 30 степени а температурата на водата од 22-25 степени Целзиусови.

Охридски пливачки маратон, чиј фонд годинава изнесува 25 илјади долари го организира Пливачката федерација на Македонија, технички организатор е клубот за спортови на вода „Охридски бранови“, а  покровител на манифестацијата е Претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов. 

Бодувањето според Фина


Во ФИНА бодувањето се одредува според паричниот фонд. Па така победникот на охридскиот пливачки маратон, покрај паричната награда ќе добие и 25 бода на своето конто, вторпласираниот 19, третиот 16.,четвртиот 13 …итн. Секој што ќе го заврши маратонот ќе добие 4 бода.

М.П.