Последниот еколошки инцидент, кога поголема количина гориво се излеа во Охридското Езеро, е уште еден доказ за ниската свест на граѓаните, сметаат екологистите. Тие посочуваат дека езерото има голема моќ на самопречистување, но предупредуваат дека ваквите еколошки инциденти не се безопасни.

За да се избегнат слични ситуации во иднина, надлежните планираат изградба на марина за безбедно опслужување на пловните објекти. Првичната заложба на локалната самоуправа беше таа да се изгради кај каналот Студенчишта, на што се спротистави Министерството за животна средина. Локалната самоуправа како нова локалција сега го предлага заливот кај стадионот Грашница во населбата Воска.

Со изградбата на марина се предвидува дислокација на сите пловни објекти од каналот Студенчишта, но според екологистите за ефикасна заштита на езерото мора да се размислува за замена на конвенционалните мотори.
-Треба да се користат мотори со обновливи извори на енергија. На тој начин би се избегнала опасноста од загадување на езерото, смета Зороски.
Во последните три години на Охридското Езеро се случија три посериозни еколошки инциденти, но ниту еднаш не беше откриен причинителот на загадувањето.
Г.М.











