Поминати се повеќе од 80 години откако во Охрид е формирано првото доброволно противпожарно друштво кое функционирало во рамките на Кралството Југославија. Од тогаш до денес, пожарникарите во очите на јавноста претставуваат своевидни „херои“, кои неретко вложуваат натчовечки напори за спасување нечиј живот.
Како што вели Горан Маркоски, заменик-командир во ТППЕ Охрид, работниот ден на пожарникарите започнува уште во 7 часот изутрина со примопредавање на ноќната и денската смена.
„Продолжува со палење на возилата, со полнење на тие боци со воздух што служат како главен елемент за кочење. Тука се и секојдневните проверки на опремата, чистење и изведување одредени вежби за спремност на пожарникарите. Секако дека постои извесна доза на стрес, бидејќи од една опуштена атмосфера, може веднаш да има потреба од упатување на терен. Кај нас е познато дека секој пожар е различен од претходниот, па затоа потребно е да се постапи професионално и да се заврши интервенцијата за што пократок временски период без евентуални повреди на пожарникарите и лицата засегнати во пожарот.“ – вели Маркоски.
Мирно лето
Територијалната противпожарна единица од Охрид во месеците јуни, јули и август интервенирала 62 пати, од кои 12 на објекти, 38 на отворен простор и 12 на патнички моторни возила.
„Во поглед на оваа летна сезона можам да кажам дека имавме релативно мирно лето. Во јуни, ТППЕ имаше 15 интервенции, од кои три на објекти, седум на отворен простор и пет на патнички моторни возола. Во јули сме интервенирале 18 пати, пет на објекти, единаесет на отворен простор и два пати на моторни возила. Во август бројката е зголемена, односно извршени се вкупно 22 интервенци. Споредбено по години, во 2013 имаме вкупно 223 интервенции, додека во 2014 заклучно со 26-ти овој месец, 221.“ – потенцира Маркоски.
Зголемен број интеревенции на моторни возила
За жал, податоците говорат дека во последното тромесечје е зголемен бројот на интервенции на патнички моторни возила, бидејќи се случија неколку тешки сообраќајни незгоди во кои имаше и жртви, објаснува Маркоски.
„Во изминатото тромесечје имавме четири сообраќајки со смртни последици. Како ТППЕ сме диркетно вклучени во овие настани, бидејќи со нашите специјални апарати, пнеувматски ножици и клешти, вршиме сечење и отстранување на делови од возилото, со цел безбедно ваѓање на повредените лица. Сакам да упатам еден апел до возачите да се придржуваат кон сите оние мерки кои придонесуваат за побезбеден сообраќај. Меѓу нив е користење на заштитен појас, прилагодување на брзината според условите на патот, да не се разговара на мобилен односно да не се вози под дејство на алкохол. Сите овие работи се причини за тешки сообраќајни незгоди, кои за жал завршуваат трагично.“ – објаснува заменикот-командирот во Територијалната противпожарна единица од Охрид.
Упатство со инструкции пред почетокот на грејната сезона
Од почетокот на идниот месец, во основните и средните училишта во Охрид ќе се одржат предавања преку кои учениците ќе се едуцираат за заштита од евентуални пожари. Маркоски вели дека покрај оваа активност на ТППЕ Охрид, во идниот период предвидени се и други поврзни со претстојната грејна сезона.
„Секогаш сме во служба на граѓаните на град Охрид па затоа помагаме и во крводарителските акции организирани од Црвениот крст Охрид. Покрај оние предавање кои ќе се реализираат во охридските училишта, планирано е по повод грејната сезона, да издадеме едно упатство со инструкции и мерки кои треба да се преземат, како не би дошло до палење на димоводните канали. Ваквите интервенции се најзастапени во зимските месеци, кои се врши загревање на домовите и јавните установи.“ – завршува Маркоски
O.T.