По десет години минати во „Градски парк“ и две години во Торус, талентираниот кошаркар Горјан Марковски „слета“ во јатото на МЗТ Скопје Аеродром. За него немаше одмор летово, беше дел од А-тимот, кој се подготвуваше за олимписките квалификации, следуваше настапот со тимот до 20 години на ЕП во Бугарија, и сега е на подготовки со МЗТ.
– Немав време за поголем одмор, само осум дена бев комплетно слободен. По тренинзите со А-селекцијата и турнирот во Софија, почнаа клупските подготовки. Во добар ритам сум и лесно ги поднесувам овие подготовки во новата средина – вели Марковски.
Горјан лани во тимот на Торус СЦБТ во „загарантираните“ 20 минути постигнуваше просечно 5 поени и имаше три скока. Покрај домашните задачи ќе има можност за „прошетка“ по Јадранот.
– Јадранската лига е мотив повеќе за секого, а за мене е голема чест што ќе работам со поголемиот дел од репрезентативците, кошаркари и луѓе од кои може многу да се научи, како на тренинзите така и на натпреварите. Добро сум прифатен во новата средина – вели Марковски.
Негова природна позиција е „двојка“ или „тројка“, а 195 см високиот Марковски, летово во дресот на репрезентацијата за играчи до 20 години имаше извонреден просек од 21 поен и 10,9 скока што, сепак, не беше доволно за нешто повеќе од пласман на 16. место на „жолто-црвената“ чета.
– Имаше мечеви и на кои морав да пополнувам на позиција крилен центар, едноставно мора да се ставиш во служба на тимот – вели Марковски, кој посакува еден ден да заигра во лигата во Шпанија.
М.П.
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com