Иако од пролетта календарски не делат само две недели, зимата не попушта. Снежни врнежи денеска го зафатија Охрид, а снег паѓа и во другите краишта од земјава.
Како што информираат од АМСМ, сообраќајот на сите магистрални и регионални патни правци се одвива непречено во зимски услови, без забрани, застои и ограничувања, по местимично влажни коловози. Снег со појак интензитет паѓа кај К.Паланка и има остатоци од снег на коловозот кој засега не предизвикува проблеми за одвивање на сообраќајот, додека на Ѓавато, Плетвар Смојмирово и Делчево има префрлање на слаб снег кој не се задржува на коловоз. На патниот правец Крак – Маврово – дебар од 11.30. часот е воведена забрана за движење на тешки товарни возила. Од 12,10 часот е уведена и забрана за движење на тешките товарни возила и на патниот правец Гостивар – Кичево -планинскиот превој Стража поради интензивни врнежи од снег.
Посебна внимателност на патните правци Дебар – Струга, Маврово – Дебар, Катланово – Велес и Демир Капија – Удово поради можна појава на одрони. На возачите им препорачуваме исклучително внимателно управување со возилата, прилагодена брзина на движење и одржување на потребното растојание помеѓу возилата.