В недела со почеток во 18:30 часот во СРЦ „Билјанини Извори“ во рамките од петтата рунда во А групата од Супер лигата на програмата ќе биде „Езерското“ дерби помеѓу Охрид и Струга. Пресметките на „езерските“ ривали секогаш изобилуваат со голем спортски набој, ривалитет на теренот и трибините. Овој пат битка ќе се води само на теренот, бидејќи поради ковид кризата мечевите во Супер лигата се играат без публика.

Јас сум задоен со дерби средбите и ривалитетот помеѓу Охрид и Струга. Имав можност да играм во кадетска, младинска и сега во сениорска конкуренција и тврдам дека средбите се повеќе од дерби натпревар. Исто така победата вреди многу повеќе од три бодови, бидејќи се работи за долг и голем ривалитет помеѓу двете екипи.- изјави средниот бек, Мартин Ивановски.

„Гладијаторите“ ќе имаат два дена повеќе за одмор бидејќи дуелот од четвртата рунда со Пролет е одложен, а Струга денеска го пречекува составот на Голден Арт КЛ7.

Квалитетот и пласманот на табелата воопшто не играат улога во вакви дерби пресметки. Секогаш одлучува мотивација и желбата за игра. Сепак, ние сме фаворити и играме на домашен терен и се освен победа за нас ќе биде неуспех. Сигурно, дербито нема да биде комплетно, затоа што на трибините ќе фалат навивачите и публиката, но поддршката која ни ја даваат изминативе сезони ја чувствуваме и кога не со нас на трибините. – истакна Ивановски.

Минатата година во суперлигашката конкуренција Охрид два пати славеше во пресметките со Струга.

 

Мх.П.