Меѓу 80.000 и 100.000 луѓе, според податоците на полицијата и синдикатот, протестирале вчера во Виена против намерата на австриската влада да го продолжи работното време на 12 часа дневно односно на 60 часа во една недела.

Протестниот марш, организиран од моќната синдикална конфедерација OeGB, завршил без инциденти откако стигнал до центарот на градот.

Ова е прв голем собир откако власта во Австрија ја презема младиот конзервативен лидер, Себастијан Курц, кон крајот на минатата година. Исто така, ова беше најголемиот протест од 2003 година, кога десетици илјади демонстранти се спротивставија на пензиската реформа.

Откако владата ја истакна потребата компаниите да бидат поконкурентни, парламентот ја усвои таа одредба во четвртокот, а со критики реагираа синдикалните организации и Католичката црква.

Досега вообичаеното работно време во Австрија изнесуваше 8 часа дневно односно 40 неделно, а максимално беше дозволено најмногу 10 часа дневно или 50 неделно, но сега владата сака дополнително да го зголеми работното време.

Под притисок на опозицијата, владата го смени првичниот план и сега гарантира дека 12 часа дневно или 60 часа неделно работниците ќе одработуваат само врз доброволна основа, како дополнителни работни часови.

Претседателот на синдикатот OeGB, Волфганг Кацјан, побара од коалицијата на власт, избрана по ветувањето за проширување на опсегот на директната демократија, референдум за ваквата мерка.