Во екот на туристичката сезона, во Струга, со поставување отров се врши масовно труење на бездомни кучиња, мачки, птици, но и кучиња кои имаат сопственици, алармираат од Здружението за заштита на животни „АНИМА МУНДИ“.

– Дел од кучињата биле миленици на деца и им умирале пред очи. Не контактираат мештаните, децата но и туристите згрозени и со неверување за ова што се случува,во шок велат дека никогаш повеќе нема да го посетат овој град.  Потсетуваме уште еднаш дека поставувањето отрови е кривично дело за кое е предвидена затворска казна и до три години. Отровите кои се поставуваат кај нас се достапни буквално во секоја аптека, како што се инсектицидите со кои може да се затруе половина град, а нашите аптеки го издаваат без никаква регистрација на купувачот, ниту пак го прашуваат за неговата намена. Голем дел од овие отрови се забранети во ЕУ, а кај нас се во широка продажба и со нив се извршуваат масовни убиства на животните, потенцираат од здружението.

Оттаму, прашуваат дали општина Струга презела некакви мерки за да ги заштити своите граѓани (и животните кои законот ги штити како свесни битија со кои хумано треба да се третира и кривично се казнува изживувањето врз нив).
 
Дали општина Струга е запознаена дека на нејзина територија се расфрлаат најсмртоносни отрови при што се загрозува и човечкиот живот? Дали надлежните органи во општина Струга ( МВР, инспектори за животна средина) воопшто се запознаени какви кривични дела се вршат во нивната општина и дали презеле конкретни дејствија за решавање на истите? Проблемот со бездомните животни е проблем кој се пролонгира со децении,а вината во тоа ја лоцираме во немањето институционална и  политичка волја за решавање на проблемот. Решението се состои во едукација на населението, регулација на одговорното сопствеништво (забрани и казни за неконтролирано размножување или напуштање миленик), масовна стерилизација на бездомните и силни кампањи за вдомување,а не со убивање! Животните се на улица, но не по своја вина, туку по вина на неодговорните граѓани кои кога ќе им здосадат ги исфрлаат на улица. Кои нелегално размножуваат и продаваат легла. Кои не ги стерилизраат милениците, па кога ќе им се окучат ги исфрлаат надвор, наведуваат од здружението.

Додаваат дека иако се изработени и доставени елаборирани предлог – програми за најхумано решавање на овој проблем, со конкретни успешни примери од европската практика, нашите институции сеуште остануваат неми пред овој круцијален проблем. Бараат општната недвосмислено да го осуди чинот и заедно со полицијата покрене истрага.

OhridNews