И вработените во Македонска пошта од подружницата во Охрид од денес во штрајк. Заради огромното незадоволство од крајно неповолните состојби во кој што се наоѓа нашата компанија, Синдикатите на Македонска пошта донесоа одлука за организација на протест во кој се вклучува и Подружницата Охрид од денес, секој работен ден за време на паузите од половина час се до конечна стабилизација на состојбите во Пошта, вели Тони Матески, претставник на Синдикат на Македонска пошта во Охрид.
Наместо консолидација и стабилизација на состојбата, нашата компанија секојдневно се повеќе наврегува во криза и тоа во сите сфери на работењето. Платата се повеќе се исплаќа со задоцнување односно пробивање на законската регулатива за исплата на плати и до овој момент сеуште не е испатена со што е загрозена егзистенцијата на вработените и нивните семејства, вели Матески.
Потенцира дека сеуште не се реализирани или пак се во некоја почетна фаза на реализација и обврските од спогодбата со менаџерскиот тим од 15 октомври минатата година.
Сеуште нема реализација на обврските кои што произлегуваат од спогодбата помеѓу синдикатите и менаџерскиот тим од 15.10.2021 година и кои што претставуваат круцијални реформски процеси чие што имплементирање претставува императив за консолидација на компанијата. До сега тие процеси требаше да бидат во завршна фаза, а воопшто не се ни започнати или се во рана фаза, вели Матески.
Додава дека станува збор за изготвување на нова систематизација, потпишување на нов колективен договор, нова реонизација, набавка на униформи и основни средства за работа, набавка на мопеди, велосипеди, возила за користење на технолошкиот процес и нивно навремено и квалитетно сервисирање, изготвување правилници за награди и казни, изготвување на пропишан систем на кариера, како и формирање на Фонд за поддршка на компанијата од страна на Владата имајќи го во предвид фактот дека македонска Пошта е единствен носител на лиценцата за давање на универзални услуги на целата територија на државата.
Н.С.Ј.













