– Во време кога ваков вид фестивали се раѓаат и траат две, три, пет години па згаснуваат, не е лесно да се издржи пет децении и без прекин да се одржува фестивалот, рече академик Матевски кој истакна дека заслугата што манифестацијата опстоила сите овие години се граѓаните и македонското културно општество.
– Во сиот овој период СВП се трудеа поезијата на светот да ја претстават на што подобар начин. Можеби понекогаш не беше се според нашите желби, но фестивалот постојано растеше и се потврдуваше. И самиот сум дел од него и очекувам овој фестивал да продолжи по тој пат, потенцира Матевски, кој е еден од основачите на СВП.
Во однос на доделувањето на Златниот венец на поезијата, Матевски нагласи дека политиката никогаш не била вмешана при неговото доделување. – Може да се говори само за културна политика – да се поканат и соберат што повеќе автори од светот. Космополитскиот карактер на СВП придонесе за поврзување на македонската поезија со другите култури и земји, а со самото тоа и за јакнење на врските на Македонија со светот. Сето тоа помага да се афирмира македонската поезија и јазикот на кој се пишува, рече Матевски.
Пред самиот почеток на денешната прес конференција, беше соопштена непријатната вест за смртта на писателот Петре Бакески, која длабоко го потреси Матевски кој нагласи дека тоа е писател кој особено го цени.
– Токму пред три дена во печатот прочитав песна што тој ми ја посветил мене по овој повод, рече Матеја Матевски.
Портретот на добитникот на годинешниот добитник на Златниот венец, Матеја Матевски ќе се одржи во сабота, во црквата Света Софија.
Денес, во Струга беше извршено и традиционалното садење дрво во Паркот на поезијата.