Од 16- ти ноември ќе започне да функционира новото олеснување за лекарите и пациентите, кое предвидува резултатите од крвните анализи директно да се прикажуваат на софтверот на матичните лекари. При тоа, пациентот нема да има потреба да оди во лабораторијата по резултати и потоа истите да ги носи кај матичниот.
– Во текот на една година околу 650.000 осигуреници потребно е да извршат превенција, а со овој софтвер, скратуваме потенцијални 1.300.000 посети во лабораторија и матичен лекар. Ќе има заштедата во време и пари т.е. станува збор за заштеда на огромни средства. Избраните лекари по електронски пат ќе ги добиваат резултатите од лабораториските наоди потребни за превенција и тоа за: ниво на гликоза во серум, ниво на серумски креатинин во крв, ниво на вкупен холестерол во крвта, вредност добиена од испитување на ( орален гликоза толеранс тест) , присуство на протеини во урина, велат од ФЗОМ.
Матичниот лекар ќе има увид во резултатите и доколку постои лабораториско испитување не постаро од 90 дена, согласно правилата за превенција ќе ги искористи резултатите, без притоа непотребно да се испраќа пациентот за уште една лабораторија. Со овој начин се штити и пациентот и здравствениот систем.
Со новиот начин на работа превенцијата ќе изгледа вака: на пациентот кој е повикан за превенција ќе му биде измерен притисок, висина, тежина, ќе се направи ЕКГ, ќе се земат лични и фамилијарни анамнестички податоци поврзани со заболувањата (кардио, нефро и дијабетес). По ова матичниот лекар ќе му издаде упат за лабораториско испитување кое во нашиот систем ќе го означи дека е за превенција. Во лабораторијата кога ќе се издаваат резултатите системот ќе препознае дека за овој осигуреник потребно е резултатите да се запишат во системот. Потоа системот ќе го извести матичниот лекар дека резултатите за осигуреникот се готови и матичниот лекар ќе ги искористи да ја доврши превенцијата и да добие ризик-скор. Вака осигуреникот нема потреба да се враќа кај матичниот лекар. Доколку ризик-скорот го класифицира осигуреникот во низок ризик од овие заболувања, завршува епизодата за превенција. Доколку ризик-скорот го класифицира во висок ризик од можност од заболување, тогаш матичниот лекар ќе го контактира пациентот и ќе закаже преглед на специјалистичко консултативно ниво на здравствена заштита.
OhridNews