И понатаму матурантите до хотелите во кои ќе ја слават матурската вечер да одат со организиран превоз, да им се делат влезниците за матурската вечер во автобусите, а во текот на вечерите кога се слави, да има засилено присуство на полициските службеници и сообраќајната полиција околу школите, сообраќајниците и хотелите- ова се основните заклучоци и барања на учесниците на денешниот состанок.
Присутните побараа и понатамошна активност на пазарната и другите инспекции и контрола на продавниците во однос на продажба на алкохол по 21 часот, како и поголема соработка на училиштата и агенциите за обезбедување, но и преглед врз учениците во одредени случаи кога постои сомнеж за носење алкохол или други предмети.
Портпаролот на СВР- Охрид, Стефан Димоски истакна дека постои задоволство од досегашната реализација на превентивната кампања за безбедни матурски вечери.
– Според податоците на СВР Охрид, минатата година не беше регистрирано ниту едно нарушување на јавниот ред и мир поврзано со матурските прослави, ниту пак откриен матурант кој е во алкохолизирана состојба. Додека пак, во 2009 година имаше 2 такви настани поврзани со конзумирање на лкохол од страна на 2 лица, истакна Димоски.
На состанокот кој се одржа во просториите на Средното угостителско училиште „Ванчо Питошески„ покрај претставниците од СВР Охрид, присуствуваа и координаторите за прослава од училиштата, од матурантските односно полу-матурантските одбори на ученици, од Општинскиот Сектор за образование , претставници од државниот просветен инспекторат, центарот за социјални работи, од советот на родители и локалниот совет за превенција, од Општата болница Охрид и Здравствен дом Охрид, претставници на ОБСЕ, како и невладини организации.