Во августовскиот рок, односно од следниот понеделник, ќе полагаат матура 3.647 матуранти кои од оправдани причини не полагале државна матура во јунскиот испитен рок, и оние кои не положиле некој од предметите, најави на денешната прес конференција министерот за образование и наука, Абдилаќим Адеми.

„Државната матура ќе се спроведе во 21 училиште во целата држава. Распоредот на учениците во кое училиште ќе полагаат ќе биде објавен утре на веб страната на Државниот испитен центар www.matura.gov.mk. Како и во јунскиот испитен рок, така и во августовскиот, сите испити почнуваат во 10:00 часот. Прелиминарните резултати од државната матура ќе бидат достапни најдоцна 30 дена од полагањето на последниот екстерен испит. Учениците кои нема да бидат задоволни од добиената оценка по некој предмет, имаат право на приговор кој треба да се достави до Државниот испитен центар. По завршување на процесот на приговори, ќе бидат објавени и конечните резултати од државната матура од августовскиот испитен рок“, рече Адеми.

На 11 август ќе се одржат испитите по  мајчин јазик и литература, (македонски јазик и литература, албански јазик и литература и турски јазик и литература), на 13 август, ќе полагаат матурантите кои одбрале странски јазик, (англиски, француски, германски и руски јазик),  на 14 август, се полага математика (основно и напредно ниво), естетика и филозофија и на 16 август,  ќе се спроведат испитите по хемија, физика, биологија, историја и бизнис. Интерните предмети матурантите ќе ги полагаат во периодот од 19 до 23 август, додека презентацијата и одбраната на проектната задача ќе се спроведе од 19 до 22 август.

Адеми информираше дека екстерната проверка на знаењето на учениците  ќе се одржи на 14, 15 и 18 август. Ќе полагаат 2.685 ученици по еден или два предмети. Учениците ќе знаат три дена пред полагањето по кој предмет ќе бидат тестирани. Распоредите за екстерното тестирање ќе биде објавени на веб страната www.prasanjaeksterno.dic.edu.mk и на огласните табли во училиштата.

OhridNews

„Макфакс“