Маж вооружен со секира синоќа нападна патници на главната железничка станица во Дизелдорф, административен центар на германската сојузна покраината Северна Рајна Вестфалија. При тоа седум лица се повредени, од кои тројца се наоѓаат во критична состојба.

Нападот почнал во вагон во возот со кој напаѓачот пристигнал на железничката станица, а потоа продолжил и на перонот каде чекале патниците. Полицијата го уапси напаѓачот, кој се обидел да побегне скокајќи од мост, при што се здобил со сериозни повреди.

Тој е идентификуван како лице по „потекло од поранешна Југославија“, кој живеел во градот Вупертал, на возраст од 36 години. Според првичните сознанија, тој нападот го испланирал и го извршил сам, а полициски извори за германските медиуми тврдат дека имал психички проблеми.