Земјава ја зафати бран семејно насилство во кој жртви се жени и деца. Последниот во серијата случаи регистриран е синоќа во Охрид.
На 10.03.2026 во 23:15 часот во Охрид, полициски службеници од СВР Охрид лишиле од слобода 44-годишен жител на Охрид по претходна пријава дека, во семејниот дом физички ги нападнал неговата невенчана сопруга и нивното малолетно дете. По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава, информира портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски.
Во меѓувреме СЦР Охрид отпочна кампања „Има помош, за живот без насилство“. Проектот има превентивно-едукативен карактер а ќе се спроведува со понагласени и интензивни контакти на полициските службеници од отсекот за превенција со граѓаните.
Целта е нивно поблиско информирање за почетните форми и манифестации на семејно и родово базирано насилство, механизми за рано пријавување и интервенирање за заштита на ранливите категории, подигање на јавната свест за превенција и заштита од родово базирано насилство и семејно насилство како и јакнење на довербата во полицијата како една од институциите за собирање информации за родово базирано насилство и постапување за ефективна заштита на жртвите. На граѓаните им беа поделени и едукативни материјали со пригодни совети од правен и превентивен карактер, истакнува портпаролот Димоски.
OhridNews

















