Меѓународниот Аеродром Скопје, управуван од ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми и членка на Групацијата АДП, официјално ја доби престижната награда за квалитет на аеродромски услуги (ASQ) за 2025 година во категоријата „Најпријатно аеродромско искуство во Европа“ од Меѓународниот совет на аеродроми (ACI World). Наградата беше доделена за време на Глобалниот самит за патничко искуство на ACI што се одржа во Истанбул на 2 септември 2026 година.

Наградата ASQ (Airport Service Quality) им се доделува на аеродромите што постојано обезбедуваат непречено, ефикасно и беспрекорно патничко искуство. Оценките од патниците ги опфаќаат клучните аспекти на патувањето низ аеродромот, вклучувајќи ја ефикасноста на чекирањето, безбедносните проверки, јасната ориентација и сигнализација, удобноста на терминалот, чистотата и севкупната практичност и удобност за патниците.
Добивањето на ASQ наградата е исклучително достигнување и огромна гордост за ТАВ Македонија. Ова признание има особена вредност бидејќи доаѓа директно од нашите патници и ја одразува нивната доверба во услугите што ги обезбедуваме. Воедно, тоа е потврда за посветеноста, професионалноста и тимската работа на нашите вработени, кои секојдневно работат за да обезбедат непречено, ефикасно и пријатно патничко аеродромско искуство. Фактот што оваа награда ја добиваме во период кога опслужуваме рекорден број патници дополнително ја истакнува нашата способност да растеме и да се развиваме, притоа одржувајќи врвен квалитет на услугите, изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.
Меѓународниот Аеродром Скопје беше награден заедно со уште три аеродроми управувани од ТАВ Аеродроми, што ја потврдува посветеноста на групацијата кон обезбедување врвен квалитет на услуги низ целата нејзина аеродромска мрежа. Во рамките на ASQ програмата, Аеродромот Анкара Есенбога, Аеродромот Измир Аднан Мендерес и Меѓународниот Аеродром Тбилиси исто така добија повеќе признанија во своите категории според бројот на патници. Дополнително, Аеродромот Анкара Есенбога и Аеродромот Измир Аднан Мендерес беа вклучени во престижната листа ACI World Director General’s Roll of Excellence, едно од највисоките признанија во рамките на ASQ програмата.

OhridNews












