Првиот заменик на претседателот на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денес на работен состанок со Унијата за здруженија на таксисти го претстави проектот за субвенционирање на првите 200 електрични возила за таксисти, како дел од напорите на министерството за почист, потивок и поефикасен урбан транспорт за граѓаните на Скопје и целата држава.

Овој проект, изјави по средбата Меџити, претставува конкретен и значаен чекор кон трансформација на урбаниот транспорт, и е дел од стратегијата за борба против загадувањето на воздухот и подобрување на квалитетот на урбаниот живот.

Возилото што денес го претставуваме е електрично, со високи еколошки стандарди, без штетни емисии, без бучава и со висока енергетска ефикасност, рече Меџити, нагласувајќи дека овие возила во неколку фази ќе ги заменат постојните кои користат дизел, бензин или гас – носејќи значителни придобивки за граѓаните, таксистите и животната средина.

Според него просечната цена на едно електрично возило е 28.000 евра, вкупната сума за 200 возила изнесува околу 5,6 милиони евра, а Министерството ќе субвенционира 15% од сумата или околу 840.000 евра.

Меџити информираше дека, според еколошките експерти, замената на овие возила ќе резултира со намалување од над 2.700 тони CO₂ годишно, што е еквивалентно на садење на повеќе од 120.000 садници.

Дополнително, тој истакна дека ќе има значително намалување на урбаната бучава, особено во густо населени зони.

Додаде дека досега Министерството веќе иницираше Car Sharing систем со првите 100 електрични возила за јавна употреба, електрични тротинети и велосипеди во неколку градови, а во соработка со Европската Унија преку програмата „EU for Clean Air“, реализирана е донација од 6 електрични автобуси за Град Скопје, се зголемени капацитетите за мониторинг на квалитетот на воздухот и се засадени десетици илјади садници низ целата земја.

OhridNews