Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити и директорката на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) Ивана Гиновска денеска, во пресрет на претстојните есенски и зимски месеци, најавија засилени контроли на квалитетот на воздухот. Контролите ќе почнат, како што рекоа, од најголемите индустриски производни капацитети, а први ќе бидат оние во скопскиот регион.

Нашата стратегиска определба е да делуваме врз изворите на загадувањето. Тргнувајќи од фактот дека квалитетот на воздухот не може да се реши преку ноќ, ниту е тоа локален проблем или проблем на едно министерство, активностите за подобрување на состојбата со аерозагадувањето ќе настојуавме да бидат инклузивни, да се споделуваат и координираат со сите релевантни институции, напомена министерот.
Гиновска потенцира дека во есенските и зимските месеци веќе се планирани редовни инспекциски надзори кај субјектите со А интегрирани еколошки дозволи.
При надзорите, покрај наши тимови, ќе присуствуваат и вработени во Министерството за животна средина кои ги изготвуваат одобренијата за дозволите. За спроведените надзори, ДИЖС редовно ќе ја известува јавноста. Ќе биде изготвена и стратегија за спроведување на законодавството за период од шест години по реони и области со цел оптимизација на ресурсите, рече директорката.
Новина е, потенцира, тоа што ќе има мешовити инспекциски тимови – инспектори од еден град или регион ќе вршат надзор во други градови и реони за зајакнување на интегриетот и подобрување на квалитетот на надзорите.
Таа информира дека ДИЖС се соочува со недостиг на кадар поради што побарал вработувања и има одобрен план за вработување тројца нови инспектори. За наредната година Инспекторатот предвидува плус девет вработувања, но тоа, рече Гиновска, ќе зависи од Буџетот.
OhridNews












