Меѓународен тим археолози ќе работат на подводни истражувања на локалитетот Врбник кај Струга, во рамките на проектот „Подводни археолошки и интердисциплинарни истражувања на локалитетот Врбник“, финансиран од Министерството за култура.
Македонските подводни археолози, палафитните наоѓалишта и наколните населби во Врбник ќе ги истражуваат заедно со колеги од Австрија, Швајцарија, Франција, Полска и Германија.
Според раководителот на истражувањата, лиценциран подводен археолог Валентина Тодороска, целта е откривање на начинот на живеење во наколните населби во Врбник и нивната старост, преку интердисциплинарен пристап, анализа, дендрохоронологија (испитување на старост на колците) и палеоботаника.
Се работи за интернационален проект со акцент на животот и активностите во наколните населби покрај езерата во Македонија, Албанија и Грција.
Ова е заеднички проект на универзитетите во Берн, Солун и Оксфорд. Во рамки на проектот досега се реализирани истражувања на локалитетот Деспилио, Костурско Езеро во Грција, Лин во Албанија и Заливот на коските кај Охрид, појасни Тодороска.

Во рамки на активностите, предвидени се и отворени денови за пошироката јавност кога ќе бидат претставени дел од резултатите од истражувањето и граѓаните ќе имаат можност да се запознаат со методологијата и работата на овој тип истражувања. Целта е подигање на јавната свест за културното наследство, неговото значење и промоција, информира Тодороска.
OhridNews












