Вчера, во Охрид започна 12-тата по ред Меѓународна конференција од областа на безбедноста, во организација на Факултетот за безбедност при Универзитетот „Св. Климент Охридски“. Темата на овогoдинешната конференција е „30 години независна македонска држава“.

Досегашните искуства и кризните ситуации во земјата укажуваат дека во државата постои правна недоуреденост на системот за одговор на кризи, вонредна состојба и воена состојба. Постои парцијален пристап во организацијата на системот за кризен менаџмент и заштита и спасување, а со тоа и во справувањето со заканите и со предизвиците од природни катастрофи и одговорот кон нив истакна Марјан Ѓуровски, проректор на Универзитетот „Св.Климент Охридски“.

Изминатите години покажаа дека постои несоодветна координација, нејасна и неефикасна организација на кризниот менаџмент, расцепканост на ресурсите и несоответни резерви од клучни производи и опрема, нејасна претпочинетост на носителите на власта. Покрај тоа, особено не е соодветно регулирана критичната инфраструктура потенцираше Ѓуровски.

Посочи на парцијалноста на досегашниот систем за безбедност и потребата од креирање модел на интегриран систем за безбедност што има една точка на обединување на политиките за безбедност, од каде ќе се даваат насоките за работа на безбедносните структури, ќе се координираат активностите и ќе се обедининат ресурсите од сите видови. Тоа, нагласи, системот ќе го направи многу поефикасен за одговор на се помногубројните безбедносни предизвици и ризици.

Нашата држава од осамостојувањето досега помина најмалку седум кризни состојби. Во изминатите 30 години бевме сведоци на злоупотреба на службите за државна безбедност и на ресурсите на системот за национална безбедност во политички цели (н.з. аферите Сина птица, Големото уво, бомбите, неколку политички бегства и некои други). За жал, досега нема политичка криза во државата во која не се вмешани разузнавачко-безбедносни структури. И на крајот, дефицитот на целосна контрола на безбедносниот систем по разни основи е важно прашање, дополни професорот Ѓуровски, нагласувајќи ја потребата армијата и државно – безбедносниот апарат, судството, дипломатијата да бидат целосно прочистени од кадри кои можеби долго време работеле за туѓи интереси или биле вклучени во криминални и други против законски дејанија.

Што е однесува на натамошните реформи што треба да се спроведуваат во земјата, од аспект на тридецениската независност на државата, Ѓуровски тука како основни начела ги посочува департизацијата, декриминализацијата и деполитизацијата на безбедносните институции со оглед на пропустите кои беа направени во изминатите три децении.

Ние како држава и безбедносен систем не треба да влечеме континуитет од поранешниот ју-систем и НАТО партнерите се обидуваат да ја пресечат папочната врска со поранешниот безбедносен ју-систем преку безбедносната проверка и тоа преку безбедносните НАТО сертификати, рече Ѓуровски пред учесниците на меѓународната конференција во Охрид.

Според него, без стабилно владеење на законите на целата територија на државата не може да има кредибилни институции и доверба од граѓаните во институциите. Корупцијата и криминалот го поткопуваат кредибилитетот на институциите и процесите и претставува безбедносна закана за нашата демократија, забележа тој.

На свеченото отворање свое излагање имаше градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески.

 

Преку ваквите научно академски собири се трасира патот кон стабилна безбедносна иднина за државата и регионот, посочи Георгиески.

Пред учесниците на меѓународната научна конференција „30 години македонска независност“ свои обраќања имаа и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, директорите на ЦУК и ДЗС Стојанче Ангелов и Беким Максути, деканот на Факултетот за безбедност Никола Дујовски.

OhridNews