По повод седум и пол децении постоење,  Институтот за педагогија при Филозофскиот факултет во Скопје од 16 до 18 мај 2022 во Охрид ќе организира меѓународна научна конференција  „75 години Институт за педагогија – Воспитно-образовни предизвици и перспективи“.

Целта на конференцијата е афирмација и промоција на нашата дејност пред пошироката академска јавност, како и создавање можност за продлабочена соработка со универзитетски професори, образовни експерти, истражувачи, едукатори, практичари и студенти од различни земји, соопшти проф. д-р Елизабета Томевска-Илиевска, раководител на Институтот за педагогија, кој е прва и најстара високообразовна институција за образование на педагози, наставници и воспитувачи во нашата држава.

Од конференцијата се очекува, како што вели, ретроспектива на последните случувања во воспитно-образовната политика, како и научен осврт за реформските зафати во нашиот образовен систем, примери од теорија и практика, да се дискутира за актуелните прашања од сите области и потсистеми на воспитанието и образованието, да се промовираат нови педагошки концепти и идеи и да се споделат резултати од најнови истражувања и иновации.

Пријавени за конференцијата се над 220 учесници од 21 земја со повеќе од 120 научни труда. Учесници ќе бидат педагози, наставници, воспитувачи, универзитетски професори, студенти, ректори, декани, градоначалници.

Програмскиот одбор на најавената меѓународна конференција го сочинуваат 45 универзитетски професори од 18 земји, а претседател е проф. д-р Наташа Ангелоска-Галевска. Во повикот за учесници беа наведени 41 тема од различни научни области – психологија, социологија, специјална педагогија, безбедност, историја, археологија, социјална работа и политика, уметност, физичко и здравствено образование итн.

OhridNews