Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство при Советот на странски инвеститори и Министерството за финансии значајно ги доближија ставовите околу повеќе значајни барања и предлози кои произлегуваат од доставените 22 иницијативи за доуредување, прецизирање или измена на законските прописи во земјата, со цел нивно усогласување со тие на Европската унија.
За ова денеска се разговарало на работната средба помеѓу министерот за финансии Фатмир Бесими и неговиот тим со претставници на компаниите членки на Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство при Советот на странски инвеститори, предводена од претседателот Виктор Мизо.

Министерството за финансии изрази подготвеност да понуди практични решенија за предочените прашања поврзани со постапките околу даноците по задршка, регулирање на примената на концептот на „self-billing“ согласно компаративните искуства од европските земји, додефинирање јасни правила за нормираните износи на кало, растур, крш и расипување во автомобилската индустрија, пропишување номенклатура за амортизација во целост усогласена со меѓународните сметководствени стандарди и МСФИ и реалната употребна вредност на машините, усогласувањето на царинските стапки и други значајни прашања кои се од интерес на странските инвеститори. – се вели во соопштението.

Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство при Советот на странски инвеститори, изразува подготвеност за споделување конкретни искуства и учество со свои мислења и предлози при конципирањето на предлозите за измена на прописите, со кои, ќе се овозможи и практична реализација на договорените заклучоци од средбата, се наведува во информацијата.
OhridNews












