Шест медицински тимови за укажување на прва помош вклучувајќи и лекари, девет спасители распоредени на копно, два патролни чамци со шест спасители на вода и волонтери кои се дел од Нуркачкиот центар „Амфора“, традиционално и оваа година ќе се обидат да одговорат на предизвиците во пресрет на празникот Богојавление-Водици.

Како што вели Антонио Додевски, секретар во општинскиот Црвен крст, подготовките за овој верски празник се во тек.

Црвениот крст Охрид, како и секогаш за сите јавни и поголеми настани во градот, максимално ги ангажира своите волонтерски екипи за да обезбеди безбедност. Распоредени сме на повеќе нивоа, а она што веќе години наназад го правиме со нашите волонтери нуркачи, членови на центарот „Амфора“, е дека ќе бидат во самата вода се додека последниот пливач не излезе од неа. Се надеваме дека се ќе помине во најдобар ред.“ – вели Додевски.

Искуствата од минатите години, покажуваат дека главните фактори кои можат да бидат причини за евентулани несреќи, се неповолните временски услови, бројноста на капачите, како и количеството на конзумиран алкохол.

Знаеме дека минатата година, овој период беше екстремно ладен, а најмногу се стравуваше од хипотермија. Секоја година имаме интервенции, но за среќа не од сериозен каракт. На неколку наврати сме вршеле транспорт на лица со изразена хипотермија до Медицинскиот центар, но се завршувало во најдобар ред.“ – потенцира Додевски.

Според  него, потенцијалните капачи мора се воздржат од конзумирање алкохол, како би се избегнала појава на хипотермија.

Прво и основно, најголема опаснот доаѓа од појава на хипотермија. Теоријата дека алкохолот загрева не е точна, односно тоа е привидно загревање поради ефектот на проширени крвни садови. Но со тој ефект се овозможува пребрзо ладење на крвта. Бидејќи проширените крвни садови носат големи количества крв до периферните делови на телото, односно до кожата, од ладната вода крвта брзо се лади. Ако температурата во телото падне под 35 степени целзиусови, тогаш настанува општа хипотермија. Затоа алкохолот мора да се избегнува, особено пред влегување во вода. Исто така, опасност се и непливачите кои влегуваат во ладните езерски води. Постои забрзано ладење на телото и грчеви во мускулите, кои можат да доведат до несреќи.“ – вели Додевски.

Од Црвениот крст Охрид се надеваат дека тимовите составени од лекари, волонтери и спасители, соодветно ќе одговорат на предизвиците, а Богојавление-Водици ќе помине во најдобар ред и во духот на празникот.

Инаку, традиционално и оваа година за време на празникот ќе се одвива крводарителска акција.

О.Т.