Тие се повикуваат на изјавата на министерот за здравство Никола Тодоров дадена за охридските медиуми деновиве, во која тој нагласи дека се залага оние кои имаат стекнато образование треба да имаат бенефит од тоа, инаку, додаде тој, не ќе може да се убедат граѓаните да се стекнат со повисок степен на образование.
-Бенефитот е според образованието да бидат рапоредени во рамки на дејноста на такво место кое што ќе биде предвидено со систематизација, рече министерот, велат засегнатите вработени, чиј статус и покрај тоа што влозжиле во лично образовно усовршување, сеуште не е соодветно решен.
Раководството на охридската општа болница потврдува дека постои проблем со овој кадар, и дека истиот треба да се реши согласно законот и финансиските можности на установата.
-Проблемот се состои во тоа што овој помошен персонал е примен на работа според договор како медицински сестри со средно образование. Во меѓувреме дел од нив го усовршиле своето образование, што е добро, но тоа го направиле без знаење и одлука на установата која ги планира струките според потребите и можностите. Не се работи за неколку случаи туку за 40 лица, за кои болницата нема средства во буџетот кој е лимитиран и строго контролиран од министерството, објаснува д-р Сашо Василески, одговорен за односи со јавност од општата болница.
Д-р Василески смета дека проблемот треба да се стави на маса и да се реши, но појаснува дека охридската општа болница нема потреба од толкав број медицински сестри со висока стручна спрема, затоа што во тој случај ќе остане без потребниот помошен персонал. Тој вели дека нема никаква дискриминација и дека истите принципи важат и за лекарите кои исто така не можат сами на своја рака да заминат на специјализации и супспецијализации без знаење на установата во која работат, затоа што, додаде Василески, профилот на кадарот треба да одговара на реалните потребите на болницата, односно пациентите.