СВР Скопје до надлежното Јавно Обвинителство, поднесе кривична пријава против 29-годишна скопјанка осомничена дека сторила кривично дело „Измама“, како и против нејзиниот татко кој се товари за помагање.

Првопријавената во период од Декември 2011 година до Март годинава со лажно прикажување на факти во повеќе наврати лажно претставувајќи се како лице кое работи на проект за доделување на станови за посебни групи на лица, а потпомогната од странски донации, довела во заблуда тринаесет лица на начин што на истите им понудила учество во непостоечки проект за купување на станови по цена од 400 Евра или поевтино за метар квадратен, при тоа упатувајќи ги лицата сумите за становите да ги уплатат на сметката на второпријавениот (нејзин татко), со што пријавените за себе оствариле противправна имотна корист од големи размери оштетувајќи ги лицата за вкупна сума од 307.039,20 евра.

Првопријавената на нејзини пријатели и нивни познаници им понудила да купуваат станови по ниски цени како проект за лица со посебни потреби и инвалидитет за кои ќе требале да уплатат дел од цената за станот, додека другиот дел наводно ќе бил платен од странска донација. Оштетените лица требало паричните средства да ги уплатуваат на сметката на нејзиниот татко – второпријавениот за кого им кажувала дека преку него ќе бидат вршени финансиските трансакции. Откако лицата ќе ги уплателе парите, првопријавената им кажувала дека ќе треба да потпишат договор за купопродажба на станот и истиот да го заверат кај нотар, со кој договор подоцна би отишле во Агенцијата за катастар на недвижности – Скопје за да добијат прелиминарен имотен лист. Откако во повеќе наврати оштетените контактирале со пријавената и постојано измислувала најразлични приказни за да го одложи потпишувањето на договорот, истите го пријавиле случајот во полиција.

Од страна на полициски службеници на СВР Скопје – Единица за економски и компјутерски криминал, двајцата пријавени се приведени и со истите е извршен службен разговор во кој појасниле дека со паричните средства кои легнувале на сметката на второпријавениот купиле автомобил, недвижен стамбен простор во Скопје, понатаму ги користеле за купувања за лични потреби, а исто така поголеми суми на парични средства биле префрлени на лице од Охрид без да ја знае причината за трансферот и на роднина од Струга за да купи станови за неговите деца.

По приведувањето на осомничената во полиција се јавиле уште 17 оштетени граѓани кои пријавиле дека биле измамени за дополнителни 340 000 евра. Оваа група исто посочила дека осомничената им нудела преддоговори без правно дејствие ветувајќи дека остатокот од реалната сума на становите ќе ги покривала македонската, белгиската или холандската влада во наводниот проект.

Со оглед на тоа што на спорната сметка има уплаќано повеќе пари од досега пријавената штета, а не е исклучено да постојат сметки и во други банки, постојат индиции дека бројот на оштетени граѓани е поголем, соопшти МВР, од каде апелираат сите кои уплаќале пари на нејзините сметки да го пријават случајот во полиција.

Инаку на осомничената и нејзиниот татко, страна на надлежниот суд им е изречена мерка притвор во времетраење од 30 дена.

OhridNews