Пред точно 20 месеци, индискиот милiјардер Субрата Рој за прв пат ја посети земјава. Иако до тогаш не толку познат за македонската јавност како еден од „највлијателните“ луѓе во Индија,  од тој 15-ти јуни 2012 година многумина започнаа оптимистички да гледаат на неговите најави за капитални инвестиции во туризмот, образованието и земјоделството.

Во текот на „20-месечната сага“, Рој ги подели мислењата на граѓаните, политичарите и стручните лица, околу неговите планови за изградба на милионски „тешкиот“ туристички комплекс во атарот на селото Љубаништа. Делегацијата на „Сахара груп“ предводена од неговата сопругата и син, најавија дека интерес за Охрид пројавиле и продуценти од Боливуд. Следеше купување на хотелот „Славија“ од страна на индиската компанија, а пред нецела година беа најавени и 211 милиони евра во комбинатот Џумајлија.

На сето ова, претходеа изјавите на г.Тимотеј дека црквата не е заинтересирана за изградба на туристички комплекс во ова охридско село, но и предупредувањата од Индиското регулаторно тело – СЕБИ за неговите долгови во матичната земја. Последната вест поврзана со Рој е продолжување на забраната за патување надвор од Индија, која неоддамна ја изрече Врховниот суд од оваа земја.

15.06.2012 Индискиот мултимилијардер Субрата Рој од денеска престојува во посета на Македонија.

Субрата Рој е основач и сопственик на компанијата „Сахара Индија Паривар“ и се смета за  еден од највлијателните луѓе во Индија. По петочната средба со премиерот Никола Груевски и владиниот економски тим, најави влез на голем бизнис во Македонија, без да прецизира во која област.

04.07.2012 Охрид ќе станува „Боливуд“

Сопругата и синот на индискиот мултумилијардер Субрата Рој, ја предводат 45-члената делегација на компанијата „Сахара груп“ која е во работна посета на Македонија. Делагацијата во која има осум извршни директори на компанијата, во Охрид ќе престојува пет дена, со цел подетално да ги анализираат потенцијалите за инвестирање, особено во областа на туризмот, а интерес за Охрид пројавиле и продуценти од Боливуд, пандан на филмскиот град Холивуд.

14.08.2012 „Лас Вегас“ во Љубаништа

Во изјава за индискиот весник “Фајненшл хроникал“, Рој вели дека планира да гради „Лас Вегас“ во Македонија, пренесува агенцијата „Макфакс“. Индиската компанија „Сахара Индија Паривар“ планира да изгради комплекс од казина, хотели и центри за забава во Македонија. Концпетот на дизајнот за новиот „Лас Вегас“ ќе и биде предложен на македонската влада во септември, а структуриниот дизајн на почетокот на следната година.

04.09.2012 Субрата Рој го купува хотелот „Славија“ во Охрид?

Индискиот милијардер Субрата Рој го купи охридскиот хотел „Славија“, пренесвува Тв „Сител“ повикувајќи се на информации од Агенцијата за странски инвестиции. Хотелот првобитно ќе се користи за сместување на работници од компанијата на Рој, кои ќе бидат ангажирани во изградба на туристички комплекс во Преспа.

22.11.2012 Поднесување проект до Владата

Проектот е насловен „Сахарајан Македонија“ и според визијата на Рој е предвидено да се гради на површина од 240 хектари, а ќе содржи хотели од светска класа, казина, станбени и рекреативни објекти и терен за голф по меѓународни стандарди. Доколку биде одобрен, комплексот ќе започне да се гради во 2014 година.

26.11.2012 Ставрески: Отворање илјадници работни места

„Проектот „Сахараја Македонија“ на индискиот милијардер Субрата Рој на Охридското Езеро ќе отвори илјадници работни места, ќе ја продолжи туристичката сезона преку целата година, ќе има десетици илјади туристи, ќе има промет за дуќаните, за сите сервисни и други услуги, ќе придонесе за БДП, како и девизен прилив за локалното население“, истакна вицепремиерот Ставрески, пренесува „МИА“.

24.01.2013 Рој: Стотици милиони евра во Љубаништа

„Дојдов во Охрид да ја потврдам намерата на мојата компанија „Сахара Индија Паривар“ за изградба на суперлуксузниот туристички комплекс на брегот на Охридското езеро. Мојата компанија не гради мали проекти, туку големи како што ќе биде и овој комплекс“, изјави индискиот милијардер Субрата Рој, кој придружуван од вицепремиерот Зоран Ставрески,  денес, ги обиколи локациите каде е предвидено да се гради  во Љубаништа.

26.01.2013 20:35 г.Тимотеј: Црквата не е заинтересирана за изградба на туристички комплекс во Љубаништа

„Имотот на Дебарско – кичевската епархија не е мој, туку е имот на народот, но каде има сила нема правдина. Mожеби повторно како што некогаш билo одземенo, пак ќе биде отуѓено црковното земјиште под некаков изговор за изградба на туристички комплекс, или нешто друго, но ние нема да оставиме тоа така да се случи и ќе ги преземеме сите неопходни мерки за заштита на имотот на МПЦ.“ – рече владиката Тимотеј.

20.02.2013 Инвестициите на Рој во Македонија ќе продолжат непречено?

„Активностите за реализација на инвестицијата на индискиот милијардер, Субрата Рој во Македонија се одвиваат според утврдената динамика и последните случувања околу обврските што ги имала компанијата „Сахара Паривар“ во Индија не ја попречуваат, изјави за МИА директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Виктор Мизо.  Рој ги исплатил обврските кон Индиското регулаторно тело – СЕБИ и како што соопштила компанијата сите домашни и меѓународни проекти продолжуваат без какви било последици, јави „МИА“.

25.02.2013 Индиските регулатори предупредуваат да се внимава во бизнис зделките со Субрата Рој

„Сите плаќања со Sahara India Real Estate Corp Ltd, Sahara Housing Investment Corp Ltd како и со тројцата директори -Vandana Bhargava, Ashok Roy Choudhary и Ravi Shankar Dubey, да се прават на сопствен ризик “, посочува регулаторот на пазарот во Индија, СЕБИ.-пишува „Капитал“.

03.03.2013 Проектот на „Сахара Индија Паривар“ е катастрофално залутана идеа?!

Иако надлежните институции постојано уверуваат дека овој мега проект нема да предизвика нарушување на еко-системот во Охридското Езеро, научните работници излегуваат со друга теза, нагласувајќи дека проектот е катастрофална залутана идеа.

25.04.2013 Субрата не се откажува од Охрид

Индискиот милијардер Субрата Рој не се откажува од Охрид. Како што пренесува А1он, повикувајќи се на изјавата на новиот охридски градoначалник Никола Бакрачески, индиските инвеститори остануваат на намерата да инвестираат во балканскиот Ерусалим.

30.04.2013 Локалната верува во идејата за изградба на туристичкиот комплекс на Субрата Рој

Локалната самоуправа верува дека идејата за изградба на луксузен туристички комплекс во Љубаништа ќе се реализира, за што неодамна било разговарано на средба во Министерството за транспорт и врски на која присуствувале  претставници на инвеститорот, на архитектонското студио Аткинс, министерството за култура, Хидробиолошкиот завод, НП Галичица и на општина Охрид.

12.06.2013 Формирани владини тимови за реализација на проектот

„Од страна на Владата на Република Македонија формирани се тимови за имплементација и реализација на проектот на индиецот Субрата Рој за изградба на луксузен туристички комплекс во Љубаништа“, изјави денес градоначалникот Никола Бакрачески.

02.07.2013 „Сахара Паривар“ бара уште 17 хектари земја во Љубаништа

Претставници од компанијата денес оствариле кратка средба со градоначалникот Никола Бакрачески, на која било изнесено барањето,  со објаснување дека дополнителните 17 хектари се потребни за изградба на сместувачки капацитети во кои ќе биде сместен персоналот кој ќе работи во комплексот.

10.07.2013 Рој повторно во Охрид

„Знам дека сте тука за да ме прашате за бизнисот. Токму поради тоа донесов поголема делегација. Работите сега веќе созреваат. Имаме големи амбиции и планови, но за тоа секако потребно е многу време.“ – изјави Субрата Рој.

12.07.2013 Kомплексот во Љубаништа ќе започне да се гради догодина, најави Субрата Рој

Изградбата на туристичкиот ресорт „Сахара Македонија“ во Љубаништа се очекува да започне во март идната година. Ова било истакнато на работниот состанок на тимот од компанијата „Сахара Индија Паривар“ предводен од претседателот Субрата Рој со владина делегација предводена од вицепремиерот Зоран Ставрески, на која присуствува и градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески.

13.07.2013 Субрата Рој од Охрид најави инвестиција од 211 милиони евра во Џумајлија

„Сахара Груп“ во следните три години ќе инвестира во агрокомбинатот Џумајлија околу 211 милиони евра, ќе вработи над 2000 лица и ќе изгради фабрика за добиточна храна и млекарница со фарма од 20 илјади грла говеда, најавува индискиот бизнисмен Субрата Рој.

26.07.2013 Пред да гради во Љубаништа Субрата Рој ќе мора да ги расчисти долговите во Индија

Врховниот суд им дал рок на компаниите на Субрата Рој до вторник следната недела да го вратат долгот кон инвеститорите од 3,5 милијарди долари, пренесува „Утрински весник“.

31.07.2013 Индиското регулаторно тело бара рогорозна казна за Субрата Рој

Индиското регулаторно тело СЕБИ, денеска, од Врховниот суд на Индија побара казна затвор од 6 месеци или парична казна за бизнисменот Субрата Рој, пренесува Тајмс оф Индија, јавува „Телма“. Рој е обвинет за доцнење со враќањето на 4 милијарди долари на малите акционери

09.08.2013 И Зијадин Села сака проект како тој во Љубаништа

„Јас мислам дека тоа е добар проект. Сите добри работи треба да се поздрават и не треба да се игра политика со маката на луѓето, а тоа е невработеноста. Добро е што ваква инвестиција доаѓа во Охрид, но би сакал таква и во Струга. Но и да се оствари во Охрид, тоа ќе придонесе за развојот на целиот регион околу базенот на Охридското Езеро.“ – изјави градоначалникот Зијадин Села.

16.08.2013 Проектот на Субрата Рој во Љубаништа под лупа на УНЕСКО

„Загрижени сме за она што се случува во Охрид што може да ја намали вредноста поради која градот е ставен на листата на културното наследство на светот. Реагираме кога има големи проекти кои може да влијаат да се намали вредноста на местата“, вели за „Утрински весник“ Петја Точарова, шефица на Одделението за Светското наследство во Европа и во Северна Америка во УНЕСКО.

26.09.2013 Со пренамена на земјиште се подготвува терен за изградба на туристички комплекс во Љубаништа?

Со одлука на владата објавена во Службен весник, земјоделско земјиште во атарот на селото Љубаништа се пренаменува во градежни парцели. Според најавите на овој простор индискиот бизнисмен Субрата Рој сака да гради туристички комплекс.

02.10.2013 Субрата Рој: Она што ќе го изградам ќе им го оставам на луѓето од Македонија

Во интервју за Утрински весник, индискиот милијардер Субрата Рој за проектот во Љубаништа вели дека во моментов фокусот е ставен на првата фаза-добрата маркетинг-стратегија, со цел да се привлечат  голем број туристи од странство.

29.10.2013 Врховниот суд со забрана до Субрата Рој да ја напупшти Индија

Врховниот суд и’ нареди на “Сахара груп”, компанијата на милијардерот Субрата Рој да ги предаде тапиите на своите имоти вредни 20.000 крори (околу 4 милијарди долари) на регулаторното тело СЕБИ во рок од три недели, пишува Утрински весник. Врховниот суд, исто така, соопштил дека ако “Сахара груп” не ги предаде тапиите во рок од три недели, тогаш Субрата Рој и други директори не можат да ја напуштат земјата без негова дозвола.

29.10.2013  Ставрески: Проектите на Сахара груп се одвиваат по утврдената динамика, се друго е прашање на Индија

„За нас е најважно што се оди според планираното во делот на реализација на пороектите што Сахара груп ги има во Република Македонија во делот на Џумајлија каде што имаат купено земјиште и се одвиваат инвестициски и други активности. Таму има стрикни рокови до кога треба да се заврши и тоа е она што го следиме се друго е прашање на Индија, институциите, системот во Индија, Сахара како компанија и тоа ќе го решаваат во рамки на нивниот правен систем“, рече Ставрески одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција.

01.11.Во Љубаништа ќе се гради најмалку 1 туристичка развојна зона, мештаните прашуваат дали ќе има уште и каде?

На најатрактивниот простор на охридската ривиера, во близина на селото Љубаништа на источното крајбрежје, ќе се гради најмалку една туристичко – развојна зона. Урбанистичко планската документација за туристичко развојната зона Љубаништа 1 денеска беше презентирана од страна на комисија составена од експерти од министерството за транспорт и врски, Агенцијата за просторно планирање, на локалната самоуправа и други институции. Но тие немаа одговор на бројните прашања на мештаните на колкав простор ќе се протега туристичката развојна зона во Љубаништа, каде според најавите голем сместувачки комплекс сака да гради индискиот бизнисмен Субрата Рој. Дополнително, како што рекоа, збунува фактот што презентираната урбанистичко планска документација е насловена како Љубаништа 1, што логично наметнува заклучок дека нејзиниот опфат може да се прошири.

24.11.2013 Забрана за „ Сахара груп“ да продава имот

Како што објави „Фајненпл експрес“, Врховниот  суд на им забрани на индискиот милијардер Субрата Рој и на директорите на неговите компании да продаваат каков било имот до наредната одлука, пренесува телевизија Телма. Судот својата одлука ја темели на фактот дека ,„Сахара груп“ до претходно поставениот рок 28 октомври не ги доставил тапиите за имотот до Регулаторната комисија „Себи“, чија вредност се цени на  околу 4 милијарди долари, од што би требало на инвеститорите да им се вратат нивните побарувања.

10.01.2014 Албанија бара гаранции дека мега проектот во Љубаништа нема да го загрози прогласувањето на регионот Охрид – Преспа за бисоферен резерват

Важно е оваа иницијатива на Министерството за транспорт за која се води јавна расправа да не го менува статусот на Националниот парк Галичица и на строго заштитените зони, а Преспа да го добие истиот статус како и албанската страна. Не може да добиеме статус на бисферен резерват ако ги немаме овие елементи на заштита.-изјави за OhridNews Аријан Мероли албански претставник во Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро. 

13.01.2014 Заради изградба на автопат, ски центар и туристички зони ќе се менува планот за управување со НП Галичица

Експресен пат, ски центар и три туристички развојни зони во Отешево и Стење – ресенско и Љубаништа – охридско, предвидува предлог планот за измени во управувањето со НП Галичица инициран од владата. Дел од предвидената инфраструктура навлегува во строго заштитените зони на националниот парк, поради што на барање на јавната установа невладината „Биоеко“ изготви студија за влијанието врз животната средина за која деновиве дебатираше стручната јавност. 

29.01.2014 Врховниот суд на Индија ја продолжи забраната на Субрата Рој за патување надвор од земјата

Врховниот суд на Индија, вчера, донесе одлука со која се продолжува забраната за патување во странство на бизнисменот Субрата Рој, се додека неговата компанија „Сахара“ не ги достават потребните информации што ги бара пазарниот регулатор – СЕБИ околу враќањето на парите на стотина милиони мали инвеститори, јавува „Утрински весник“.

04.02.2014 Субрата Рој преку оглас во Индија најави 2,7 милијарди евра вложувања во Македонија

„Сахара Индија Паривар“, групацијата на индискиот бизнисмен Субрата Рој, во бизнисот во Македонија во следните пет години ќе инвестирала вкупно 2,7 милијарди евра, пишува денешен „Дневник“. Најголемиот дел од парите, односно 1,6 милијарда евра, било предвидено компанијата да ги вложи во млечниот бизнис, а останатите во хотелски комплекс. Овие суми биле наведени во јавниот оглас што индиската групација „Сахара груп“ деновиве го објавила во тамошните дневни весници.

О.Т.