Во сите категории опфатени со правилата на УЦИ, почнувајќи од најмладите под 13 години, потоа кадети под 15 години, кадети под 17 години, јуниори (под 19 години), аматери (под 30 години), мастерс (над 30 години) и најсилната категорија елит, беа пријавени повеќе од 250 наптреварувачи, а официјални бодови за годинешната ранг листа на УЦИ зедоа првите 15 пласирани од најсилната елит категорија и првите 10 пласирани од јуниори.
Тимот на ЕкоДром од Охрид настапи со двајца натпреварувачи во категорија јуниори во која стартуваа 27 натпреварувачи од 8 држави. Јован Јованоски на неговата прва меѓународна трка во категорија јуниори ги запиша своите први УЦИ бодови освојувајќи го второто место со време од 1:04:18 само 2 минути после првопласираниот натпреварувач Амит Криспил од Израел и 14 секунди пред неговиот сонародник Гај Сеслер. Вториот натпреварувач од тимот на ЕкоДром Охрид Петар Упевчески заврши на 15. место од вкупно 24 натпреварувачи кои ја завршија трката со време од 1:27:51 во ист круг со победникот.
На целиот настан учествуваа натпреварувачи од 17 држави и 3 континенти бидејќи освен од Европа имаше натпреварувачи од Јапонија и Коста Рика, а во категорија елит се натпреваруваше и актуелниот светски шампион.
Одличните резултати постигнати на меѓународен план се дополнителна мотивација на клубот Екодром и натпреварувачите за учество на останатите натпревари кои се бодуваат во светската ранг листа. Во план е учество на натпревари во Австрија, Полска и Швајцарија и уште 3 натпревари во Хрватска, сите бодовни за светската ранг листа во планински велосипедизам.
Голема благодарност за огромната поддршка до македонската културна заедница на Истра и до семејството Брдарски, македонци кои живеат во Премантура кои го помогнаа овој клубски потфат со спонзорирање на сместувањето и целосниот престој во Премантура.