Меѓупартиските преговори на работните групи за спроведување на Договорот од Пржино според опозицијата завршија без напредок, а според претставниците на владејачките партии постигнат е мал напредок. „На денешната рунда преговори не е постигнат напредок во преговарачкиот процес. Владејачката коалиција не дозволува прочистување на Избирачкиот список и вистински реформи во медиумите. ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски во континуитет бегаат од фер и демократски избори“, кусо соопштија од СДСМ.
Од друга страна претставниците на владејачката коалиција, Никола Тодоров и Артан Груби, ијавија дека политичките партии постигнале благ напредок на денешната средба со амбасадорот на САД, Џес Бејли и евроамбасадорот Аиво Орав во резиденцијата на Европската Унија во Пржино. Рекоа дека се разговарало за прочистувањето на избирачкиот список и за реформите во медиумите. Груби е оптимист и се надева дека со конструктивен пристап наскоро ќе има договор. Тој истакна дека околу избирачкиот список за неговата партија е битно да не се бришат гласачите со право на глас само за да се добијат политички поени.
„Гледам доближување на ставовите и предлозите се речиси достапни за сите. Се надевам дека со конструктивен пристап и со мали отстапки од партиите, конечно ќе постигнеме договор“, изјави Груби по средбата.
„Сметаме дека е сосема непотребно 170.000 гласачи да се обележат со ѕвездичка како знак дека се од дијаспората, како и тие повеќе од 30.000 што ДИК ги најде за спорни да се избришат ако сами не се пријават на јавниот увид. Сепак, одлучивме да го прифатиме барањето на СДСМ за да докажеме дека ВМРО-ДПМНЕ изборите ги добива со проектите и со довербата од граѓаните, а не со манипулации во избирачкиот список. Околу медиумите, нашата партија има став дека ниту еден медиум и новинар не треба да биде казнет за напишан текст или прилог. Формирање на некое централно цензорско тело што ќе одлучува дали некој прилог е во ред е сосема непотребно. Не сакаме медиумите да бидат доведени во ситуација да се казнуваат и да пишуваат по порачки. Исто така, бараме сериозно намалување на казните“, рече Тодоров. Тој рече дека нема да дозволат изборите да бидат трет пат одложени, затоа не сакаше да шпекулира со нов датум.
„Треба да се осигураме дека сите услови за избори се исполнети и сите тоа јавно да го кажат, па потоа ќе договараме датум за избори. Во однос на денешната средба, сметам дека има благо доближување на ставовите“, рече Тодоров.
Претставниците на СДСМ и на ДПА, Рената Дескоска и Имер Алиу, како и двајцата амбасадори, Аиво Орав и Џес Бејли, не дадоа изјави за медиумите. Најавија дека деновиве ќе се одржи уште една ваква работна средба.
OhridNews
извор Макфакс