Со меѓусебни обвинувања за реваншизам и злоупотреба на народни пари, помеѓу актуелната и претходната локална власт, помина отчетот на градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, за сработеното во првите 100 дена од неговиот мандат.
Алијансата на Албанците на Зијадин Села, го обвини Мерко дека во првите 100 дена се занимавал исклучиво со отпуштања на вработени во администрацијата, јавните претпријатија и училиштата, само затоа што биле од друга политичка опција.
– За сто дена 100 семејства оставнаа дома, тоа беа сите албанци и албански семејства, рече Имер Имери, претседателот на Алијанса на Албанците Струга.
Точно е дека голем број лица повеќе не доаѓаат на работа вели градоначалникот Мерко, но тоа е само поради фактот што тие биле изманипулирани од претходната локална власт која предизборно со лажни ветувања и без решенија за работа ја пренатрупала општинската администрација и училиштата со кадар кој со месеци не земал плата.
– Вработувани се лица кои никогаш не се појавиле во зградата на општина Струга и прашање е дали знаат воопшто каде се наоѓа општина Струга. Дел од тие лица се од Скопје и Тетово, но и вработени од Струга не доаѓале на работа а земале плата, изјави градоначалникот Мерко.
Струшкиот градоначалник истакна дека претходната локална самоуправа ја задолжила општината за 7,5 милиони евра, и обвини за бројни злоупотреби во јавните набавки, урбанизмот, а особено на законот за легализација на бесправно изградени објекти.
– Зиадин Села наместо да поднесе барање за одобрение за градба за објекти кои се градени во тек на неговиот мандат истиот го олеснил буџетот на општината со што издал решенија за легализација. Секретарот на општината Лога во постапка за легализација ја легализирал својата куќа на име на неговата мајка, објект кој е граден после влегување во сила на законот за легализација, рече Мерко.
Мерко рече дека неодговорното работење било пресликано и во јавните претпријатија, посочувајќи го за пример Комуналното кое за интернет потрошило 130.000 евра, а вработените не зеле плата 9 месеци.
OhridNews












