Урбаниот хаос, недомаќинското работење и нефункционирањето на јавните претпријатија станаа бренд на работењето на Петрески. Тој ги казнува сопствените граѓани и на секој можен начин ги блокира проектите на Владата. Додека речиси сите општини во Република Македонија одговорија на програмата на Владата за вработување на невработени лица, по општините во државата, Општина Охрид не поднесе апликација за вработување на лица кои би извршувале јавни работи во Општината, обвини на денешната прес конференција портпаролот на ВМРО- ДПМНЕ, Александар Бичиклиски.

–    Петрески ја затвори можноста во прво време 40, а потоа уште 40 семејства во Охрид да добијат стабилни приходи во одреден период. Тој ги казнува сопствените сограѓани, само затоа што се работи за проекти кои се финансирани од Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Значи овде не се работи за некоја уличка, неасфалтриран сокак или тротар, овде говориме за судбината и егзистенцијата на скоро стотина семејства. Згора на се, се што вети претходно не го исполни. Вети а не изгради дом за пензионери, вети, а не реализира  бесплатен  превоз за пензионери, помпезно најави, а никаде го нема затворениот базен, нема ништо ниту од новиот пазар кој го вети, нема ниту катна гаражи кој ги ветуваше, рече Бичиклиски.

Од кабинетот на градоначалникот ваквите обвинувања ги коментираат како продолжување на ВМРО- ДПМНЕ со клеветење на  градоначалникот на Охрид , замајувајќи ја јавноста со лаги и невистини.

– Додека портпаролот Бичиклиски  , денеска обвинуваше дека Општина Охрид се занимава и се фали  со асфалтирање сокачиња, на крстосницата меѓу Булеварот Туристичка  и улицата „ Јане Сандански“  се затвораше  голема неколкуметарска дупка  во која можеше да пропадне  некое возило и да има жртви. Пропаѓањето на овој дел од коловозот е последица на криминалниот проект за дождовна канализација од 2002 година. За криминалот беше направена ревизија и беше известен премиерот Груевски , кој во време на изведувањето на проектот  беше  министер за финансии и беше во тек со сите активности. Јавноста од Груески и ВМРО- ДПМНЕ  треба да побара  зошто, нема разрешница на криминалниот проект , изведувањето на работите и каде завршија 4 милиони евра , кои сега мора да ги враќа Општина Охрид. Наместо да поставува прашања , Бичиклиски треба да одговори  зошто ВМРО- ДПМНЕ го остави Охрид без болница , зошто на местото на специјалната детска болница не се изгради елитен хотел, туку голема депонија и зошто во изминативе години Владата ги кочи проектите за изградба на капитални објекти, стои меѓудругото во реакцијата од кабинетот на градоначалникот.

OhridNews