Итно преземање на мерки со цел да се заштити мелничката индустрија со што индиректно ќе се заштитат и домашните земјоделци, побара Мелничко-пекарската групација при Стопанската комора на Македонија
Мелничарите бараат целосно спроведување на контрола на пуштање во промет на брашното од увоз преку контролните маркички или забрана за пуштање во промет на увозно брашно ако е пројден рокот од 30 дена. Исто така тие побараа да се спроведува донесениот Правилник за квалитет на брашното при увоз, односно да не се пушта увозно брашно во промет се додека Агенцијата за храна и ветеринарство не даде дозвола по добивање на Анализите за квалитет од акредитирана лабораторија.
Претставниците на мелничарската индустрија сматаат дека треба да се изнајде начин за дополнително субвенционирање на домашните земјоделци или производителите на пченица по предаден килограм пченица кај лиценциран откупувач и дека треба да се субвенционираат домашните мелничари во висина од 2,5 денари по килограм откупена пченица.
Анализите на мелничката индустрија при Стопанската комора на Македонија покажуваат дека за период од четири години за околу 30 проценти е зголемен увозот на брашно на годишно ниво. Минатата година за 11 месеци се увезени 40.511 тони брашно, што го надминува вкупниот увоз од 40.361 тон брашно во 2014 година. Увезената пченица, пак е на приближно исто ниво од околу 85 илјади тони.
OhridNews