Патот кој го зацртавме на самиот почеток  на фестивалот „Охридско лето“ успешно го изодевме. Реализиравме богата уметничка програма без ниту едно откажување, се покажавме како добри домаќини пред околу 800 уметници, актери, театарски работници, солисти, хористи, музичари од 27 земји од светот, истакна денеска на завршната прес-конференција посветена на 58-то Охридско лето директорката на оваа Национална  установа, Сузана Вренцовска.

– На наше задоволство, на сите уметници, независно дали се домашни или меѓународни, им понудивме исти услови и обезбедивме соодветен третман, достоен на врвните уметнички имиња учесници  на фестивалот Охридско лето. Секоја вечер, секој настан се одржуваше пред полни трибини, задоволна публика, во знакот на  беспрекорна сценско-техничка организација.Со домаќинско работење и строго наменско трошење на средствата но и редовно сервисирање на обврските, годинешново фестивалско издание го завршивме со позитивно финансиско салдо. Тоа ми дава за право да речам, „Охридско лето“ 2018 е едно од најуспешните изданија, основа од која ќе ги градиме следните кои ќе бидат скалило погоре во однос на квалитетот, изјави Вренцовска.

Како што нагласи директорката, според статистиката, годинава се бележи и зголемување на продажбата на билети, а он-лајн  билети се купуваа од бројни земји од светот.

Подготовките  за 58-то издание, според неа,  беа завршени уште пред самиот почеток на фестивалот. Во соработка со Општина Охрид и општинските јавни претпријатија се санира гледалиштето во предворјето на црквата „Света Софија“, со целосна замена на оштетените дрвени седишта и елементи. Започна и постапката  за реконструкција на сцената Долни Сарај, по проект финансиски поддржан од Министерството за култура вреден 1,4 милиони денари.

  • За следната година во програмата за инвестиции за 2019 година аплициравме со проект монтажно гледалиште и монтажна сцена. Фестивал како што е „Охридско лето“ заслужува да ги има сите неоходни услови за реализација на програмата. Тоа ќе значи дека настаните ќе може да се поставуваат на бројни места низ градот каде има услови за тоа, најави директорката на НУ „Охридско лето“ Сузана Вренцовска додавајќи дека и натаму ќе ја застапува иницијативата за концертна сала  во Охрид со чија изградба фестивалските настапи во иднина нема да зависат од временските прилики.

Осврнувајќи се на музичката програма на „Охридско лето“, музичкиот селектор Васо Ристов, истакна дека со понудената програма и екслузивните уметници, Охрид повторно стана вистинска културна метропола како и досега, која привлече бројни посетители кои доаѓаат од други земји и тоа токму само заради годинешните ѕвезди и квалитетната програма.

  • И оваа година нашите заложби беа фестивалот да има квалитетна и атрактивна програма во текот на сите 40 фестивалски денови, и во тоа  успеавме. Доминантна беше класичната музика. Од успешноста на изборот на програмата зависеше и реномето на фестивалот кој според домашната, но и странска стручна јавност, заедно со целиот тим доби одлична критика и пофалби за целата организација, а со тоа градот Охрид претставува значајна светска уметничка сцена и голема културна метропола. Традиционално имавме неколку ексклузивни проекти на кои учествуваат легендарни имиња од светската музичка сцена. Тоа се имиња на уметници по кои се паметат фестивалските изданија, меѓу кои Николај Лугански великан од пијанистичката фела, потоа челистот Александар Књазев,виолинистот Сергеј Крилов.. тројцата од Русија, како и Александар Маџар (Белгија/Србија), исто така пијанист на неговата генерација, рече селекторот на музичката програма Васо Ристов.

Како дел од настаните што го одбележаа ова издание тој ги спомена и концертите што се одржаа во соработка со амбасадите на странските земји во Македонија, како што беа Полската, Француската, Шпанската, Украинската, како и Вечерта на Европската унија. Ристов како особено успешни ги истакна настапите на „Балкан Нуево“,  Музичката младина на Македонија, концертот на Синтезис,  изведбата на делото на проф. д-р ДимитријеБужаровски-Радомировиот псалтир.

Селекторот на драмската програма на фестивалот „Охридско лето“ Александар Поповски најави дека подготовките за следното фестивалско издание започнуваат веднаш по завршувањето на годинешното издание.

  • Охридско лето е еден фантастичен фестивал. Сум го сакал порано, а сега првпат имам можност да учествувам од другата страна на фестивалот и мислам дека допрва следат работи кои можат да го направат уште подобар. Како селектор ги гледам можностите што овој фестивал ги има и што семоже да се направи. На едно место во месец и половина да собереш таква елита на уметници од толку многу земји е голема предност како за Охрид, така и за цела Македонија. Она што го видов и она на што ќе инсистирам за следната година е  домашната продукција на претстави. Би сакал секој театар во Македонија да подготви претстава што ќе биде наменски презентирана првин овој фестивал. Кога јас студирав , главниот момент во сезоната доаѓаше на „Охридско лето“ каде што беа главните претстави, а потоа претставите започнуваа да играат на редовниот репертоар. Ќе инсистирам сите претстави да се играат на отворено и на нови простори, рече Поповски.

Една од идеите, како што најави Поповски, е фестивалот „Охридско лето“ да има своја продукција како што има фестивалот во Дубровник.

„Охридско лето“  како дел од Европската  Асоцијација на фестивали се одржува под покровителство на Министерството за култура на Република Македонија а под покровителство на Претседателот на државата д-р Ѓорге Иванов.  Фестивалската завеса на 20-ти август ќе биде спуштена на Античкиот театар со театарската претстава „Илијада“ од Хомер, во режија на Јернеј Лоренци, а во продукција на Словенечки народен театар СНГ Драма Љубљана,Цанкариев дом и  Градски театар од Словенија.