Ербил Караман, продукт менаџер во Facebook и Асиф Раџа, основач и генерален менаџер на Mindmakr, кој дел од своето работно искуство го стекнал во компанијата Apple, ќе бидат дел од програмерскиот маратон Codefest кој ќе стартува утре на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид.

Според најавите, врвните гости во текот на утрешниот ден ќе одржат мотивациски говори пред учесниците и ќе ја раскажат својата приказна за успех во кариерата. Настанот ќе го посети и Марко Чаласан, македонскиот компјутерски гениј, кој во недела ќе ги поздрави присутните пред почетокот на финалните претставувања на тимовите.

Годинешниот маратон Codefest се одржува под мотото „Истрага на местото на кодирањето“, а во текот на 32 непрекинати маратонски часови, студентите ќе работат во тимови на развивање на креативни и иновативни идеи до демо верзија на продукт.

-Интересот за Codefest оваа година ги надминува очекувањата, со пријавени рекордни 40 тимови од кои 25 беа селектирани за да учествуваат на натпреварот. Ментори и жири составено од професионалци од ИТ и поврзани области од индустријата и академијата ќе го поддржат настанот со својата експертиза и ќе им помагаат на тимовите да ги реализираат своите идеи, а и ќе одлучат за победниците. Целта на Codefest е да ги приближи студентите до компаниите во кои тие набрзо би биле потенцијални вработени, како исклучителен талент од Македонија, велат организаторите.

Според нив Codefest е етаблиран настан кој успева да донесе на едно место студенти од целата држава, не само од ИТ областа туку и од сродни области.

Мартонот Codefest официјално започнува во сабота во 10 часот, а завршува во недела во 17 часот со официјално прогласување на победниците.

OhridNews